Францускиот напаѓач Килијан Мбапе се соочува со принудна пауза по повредата заработена на репрезентативниот натпревар од Лигата на нациите против селекцијата на Турција. Медицинските прегледи реализирани во тренинг-центарот Валдебебас потврдија дека станува збор за истегнување на капсулата на коленото.
Од таборот на шпанскиот клуб соопштија дека Мбапе има „хиперекстензија на задната капсула на левото колено“. Првичните проценки на лекарскиот тим укажуваат на отсуство од десет до дванаесет дена од редовните тренажни активности.
Инцидентот се случи во текот на второто полувреме, токму во моментот кога офанзивецот го постигна единствениот победнички погодок за својата репрезентација. Мбапе при ударот со десната нога почувствува силна болка во левото колено, по што веднаш беше повлечен од игра и ослободен од обврските во репрезентативниот камп.
Левото колено претходно му создаваше сериозни потешкотии на фудбалерот во периодот меѓу декември и март. Доколку рехабилитацијата тече според предвидениот план, тој би можел да биде во комбинација за претстојниот дуел во Ла Лига против тимот на Виљареал, кој ќе се одигра на стадионот „Сантијаго Бернабеу“ по завршувањето на репрезентативниот прозорец.
