Една година од трагедијата во „Пулс“: Кочани се сеќава на 63-те млади животи

Денес се навршува една година од трагедијата во дискотеката „Пулс“ во Кочани, каде животот го загубија 63 млади луѓе. Празните столчиња поставени во нивна чест го симболизираат просторот што остана непополнет, потсетувајќи на изгубените животи и на длабоката болка што ја носат нивните семејства, пренесува Трн.

Бдение во 2:32 часот – моментот кога замре последниот пулс

Ноќеска во 2:32 часот, точниот момент кога пред една година замре последниот пулс во „Пулс“, многубројни граѓани се собраа на бдение пред изгорениот објект. Со запалени свеќи во рацете и во тивка атмосфера, присутните се потсетија на своите најблиски и на трагедијата што засекогаш ги промени животите на Кочани и околните места.

Година на лекување, закрепнување и соочување со болката

Семејствата на жртвите, но и преживеаните, зборуваат за тешката година што следеше по трагедијата. Месеци исполнети со лекување, закрепнување и соочување со болката што трајно ги обележа нивните животи. Дел од преживеаните поминале недели во кома, додека други закрепнувале во болниците во Кочани, Штип и Скопје, како и во медицински центри во соседните држави.

„Маршот на ангелите“ и пораката трагедијата никогаш да не се повтори

Во текот на изминатата година, родителите на загинатите организираа „Марш на ангелите“, симболичен чин на болка и надеж кој се одржуваше секоја сабота, а понекогаш и пред институциите во Скопје. Со овие собири тие испратија јасна порака дека ваква трагедија никогаш повеќе не смее да се повтори.

Тридневна комеморативна програма во Кочани

По повод првата годишнина, Општина Кочани организира тридневна комеморативна и духовна програма. Во неа се вклучени богослужби, отворање на меморијалот „Недовршени соништа – секое име е нечиј свет“, симболичната инсталација „63 бели столчиња – 63 животи“ и муралот „Ѕид на сеќавање“. Во 2:15 часот по полноќ, времето кога избувна пожарот, се одржа и собир пред објектот „Пулс“.

Меѓународна конференција за одговорот по трагедијата

Истовремено, во Скопје се одржа „Меѓународна конференција за институционалните и клиничките аспекти и решенија по пожарот во Кочани“, на која учествуваа лекари и функционери од земјата и од странство. Тие говореа за искуствата и за медицинскиот и институционалниот одговор во третманот на повредените.

Годишнината од трагедијата остава длабок белег во јавноста. Празните столчиња сведочат за животите што ги загубивме, додека поддршката од локалните заедници и младинските организации, меѓу кои и „Сапорт Кочани“, испраќа порака на солидарност и надеж.