Осми ноември, денот на празникот Митровден, за стружани претставува датум длабоко врежан во колективната меморија како момент кога градот ја дочека светлината на слободата. Историјата нè враќа во 1944 година, во времето кога слободата не била само копнеж, туку надеж за нов почеток. Зад неа стоеле години окупација, неизвесност и отпор, жртви и храброст на луѓе кои верувале дека ќе дојде денот кога Струга повторно ќе дише слободно, па токму Митровден останал запаметен како пресвртница со која градот отвори ново поглавје од својата историја.

Во периодот на Втората светска војна, од 1941 до 1945 година, западниот дел на Македонија заедно со Струга и Струшко се наоѓал под окупација на фашистичка Италија. По капитулацијата на Италија, воената и политичката состојба се промениле, а градот бил покорен од германски војници и вооружени балистички формации. Ослободувањето на Струга било дел од пошироката воена операција за воспоставување контрола врз Западна Македонија, при што по ослободувањето на Охрид на 7 ноември следувале борбите за Струга, а потоа операциите продолжиле кон Кичево и Гостивар.

Историчарот во Музејот „Д-р Никола Незлобински“, Димитар Трифуноски, објаснува дека ослободувањето на Струга на 8 ноември 1944 година претставува еден од најсветлите македонски историски триумфи, извојуван со заеднички, натчовечки напори во завршните операции за дефинитивно исфрлање на фашистичкиот окупатор.

„Крајот на октомври и почетокот на ноември 1944 година биле обележани со жестоки судири против германските нацистички сили и нивните локални балистички соработници. Во оваа воена епопеја, клучниот фактор за победата биле стратешките упоришта во Струшка Малесија, силниот логистички грб на Караорман и военото сојузништво на партизанските единици под капата на 48-мата македонска дивизија“, смета Трифуноски.

Окупацијата донела темелни промени во политичката и административната управа, а населението постојано се соочувало со воени ограничувања и неизвесност. Во такви тешки услови постепено се создавале предуслови за организирање на сенароден отпор.

Струшкиот регион не бил само подрачје во кое се одвивале завршните борби, туку и простор во кој се организирале и дејствувале единици што учествувале во поширокото ослободување на Македонија. Кога германските сили се повлекувале од Грција кон север, настојувале да ги зачуваат важните патни и железнички комуникации, при што Струга имала големо значење поради положбата во западниот дел на Македонија и врските со Охрид, Дебар и Кичево. Партизанските единици преземале низа активности за прекинување на тие комуникации и го ограничиле движењето на германските сили со уништување делови од пругата Струга – Кичево, железнички станици, мостови и телефонски линии.

„Борбените дејствија за Струга се разгореле во втората половина на октомври 1944 година. Германските сили ја утврдиле Струга како витална точка за безбедно повлекување на нивните воени сили од Грција кон Албанија. Пред силно забарикадираните германско-балистички позиции во Струшкото блато, здружено дејствувале Првата македонска ударна бригада и Четвртата македонска албанска ударна бригада. Двете единици биле во состав на 48-мата македонска дивизија, која пак оперативно припаѓала на Петнаесеттиот македонски корпус“, појаснува Трифуноски.

Ослободувањето на Струга на 8 ноември 1944 година било резултат на заедничката борба на партизанските единици и сеопфатната поддршка од локалното население. Во завршните операции важна улога одиграле Првата македонска ударна бригада и Четвртата македонска албанска ударна бригада, додека Струшка Малесија, Локов и Караорман биле значајни упоришта каде селското население обезбедувало храна, засолниште и помош за ранетите борци, а борбите кај Мороишкиот мост и блокадата на градот претставувале клучен дел од патот до конечната победа.

„Напредувајќи по ослободувањето на Охрид, двете бригади го стегнале обрачот околу градот. Поради силната фашистичка одбрана, партизаните ја држеле Струга под блокада на линијата кај Цигланата и стариот, тогаш дрвен Мороишки мост. На оваа точка се воделе крвави судири каде паднале и првите партизански жртви. Локацијата на Мороишкиот мост и денес е симбол на овој отпор, зачувана преку автентичната Спомен-чешма на ослободителите веднаш до современиот бетонски мост“, раскажува Трифуноски.

село Буринец спомен партизани Струга

Силниот патриотски дух на народот од Малесија овозможил селото Локов, каде што била формирана Првата македонска ударна бригада, да стане оперативен центар за планирање на нападите и координирање на движењата кон Струга. Локалното население масовно се приклучувало во редовите на бригадата и дејствувало како штит за одредите. Планината Караорман исто така претставувала значајно упориште каде на 26 август 1944 година на локалитетот Рудина била формирана Четвртата македонска албанска ударна бригада, составена од Македонци, Албанци, Македонци-муслимани, Турци и Власи, која се борела кај Ќафасан, Радолишта и Заграчани, а нејзиниот Втор баталјон дејствувал директно во Струга и селата.

„Борците на оваа единица војувале рамо до рамо со Првата македонска бригада во конечните улични борби за Струга, со што дале огромен заеднички придонес за слободата“, додава Трифуноски.

Значајна поддршка обезбедувало и населението од селото Буринец на Караорман преку достава на храна, облека, засолниште и организација на импровизирани болници за ранетите борци од сите националности. По неколкудневни исцрпувачки судири, во раните утрински часови на 8 ноември, со координиран фронтален напад од повеќе правци германските трупи биле разбиени и натерани на повлекување кон Албанија, по што осамнала долгоочекуваната слобода.

При паничното повлекување кон превалецот Ќафасан и албанската граница, германските сили со тешко орудие го бомбардирале селото Радолишта, при што голем дел од домовите биле урнати и запалени до темел, со бројни цивилни жртви.

Додека партизаните влегувале во градот и по улиците на Струга се водела последната битка, семејствата се криеле во подрумите очекувајќи го завршетокот на окупацијата.

Пензионираниот педијатар д-р Климент Матоски, кој тогаш имал четири и пол години, се сеќава на моментите кога со своето семејство бил засолнет во големата просторија викана „Магазата“ на познатото струшко семејство Несторовци во чаршискиот дел од градот, каде дваесетина соседи, жени и деца стравувале од експлозиите.

„Во длабока меморија ми се врежани неколку живи слики. Веднаш наспроти нашата беше куќата на едно од најценетите семејства во градот – Несторовци. Во чаршинскиот дел од куќата, имаа еден од најголемите дуќани во градот, го викавме „Магазата“ од Александар Нестор. Беше навистина градена од, за тоа време, необично цврст материјал. Додека траеја борбите и од сите страни се слушаа пукотници и експлозии од непријателските бомбардирања, комшиите од скоро целото маало два-три дена и ноќи бевме собрани и засолнети токму во таа голема и сигурна просторија. Нѐ имаше речиси дваесетмина, неколку постари мажи, повеќе жени и деца. Свесен сум дека звучи чудно, но убаво се присетувам на таа „слика“, особено и посебно поради фактот што на ќебето врз кое лежев, веднаш до мене, покрај мајка ми, баба ми и двете сестри на татко ми, лежеше и едно бебенце од нецели три месеци, мојата малечка сестричка Мирјана“, раскажува Матоски.

Потоа се слушнал страотен метален звук кога сопственикот Гурко Нестор ја подигнал железната ролетна откако дознал дека борците влегле во градот, повикувајќи ги сограѓаните да излезат во чаршијата бидејќи слободата конечно пристигнала.

Таткото на Климент, Никола Мато, учествувал во партизанските редови и подоцна раскажувал за жестоките борби со балистите во опожарената Дебрца, како и за напредувањето покрај брегот на езерото, со чунови и долж железничката пруга сè до влезот во градот.

Свои сведоштва споделува и Димитрие Дурацовски, чиј татко Коста Дурацо бил возач на камион во Петнаесеттиот македонски корпус на Сремскиот фронт, додека мајка му Христина, со илегално име Катјуша, како шеснаесетгодишна скоевка ноќе пренесувала оружје кон Караорман и лепела летоци.

„Тој ден, денот пред Митровден, ми вели мајка ми, кога се вратив дома им реков на домашните, од денес до утре наутро никакво излегување. Ќе се водат улични борби низ градов, нашите имаат заземано позиции и градот е опкружен од партизани. И почна тој ден пресудната битка за ослободување на Струга. Јас не излегов, бевме договорени секој илегалец таа ноќ да остане во својата куќа“, го пренесува Дурацовски сведоштвото на мајка си.

Ноќта Германците поставиле митралеско гнездо на камбанаријата на црквата „Св. Георгиј“ бранејќи се од партизаните што надоаѓале, додека семејството Дурацовски било сокриено во подрумот на куќата на Цицорог.

„Утрото настана нереална тишина, а ние низ подрумското прозорче видовме како низ чаршија минуваат партизаните. Излеговме да ги дочекаме, народот веќе почна од сите страни да излегува во чаршијата и да се радува гушкајќи ги ослободителите. Вера на бебето во раце му ги покажуваше партизаните. Јас постојав со нив малку и после им избегав за да се најдам со другите скоевци од градот за да им се придружиме на партизаните“, ја завршува Дурацовски приказната на својата мајка.

Димитрие за подвизите на својот татко дознавал и од соборецот Петри Пано, кој раскажувал за неверојатната присебност на младиот возач кој возел низ минските полиња на Срем, а како семеен спомен го чува неговиот воен хронограф „Феделта“.

партизани ослободители на Струга споменик

Ослободувањето го означило крајот на фашистичката власт, но набрзо започнал долг процес на обнова на разрушената патна инфраструктура, мостовите и телефонските линии под раководство на Градскиот и Околискиот народноослободителен одбор.

Денес споменот на овие историски борби е сочуван на Споменикот на револуцијата крај реката Црн Дрим и Чаршискиот мост, каде мермерниот натпис потсетува дека револуцијата е вечен тек од минатото кон иднината во чест на борците што ја извојуваа слободата.