Во денешната емисија на радио Лидер, Цветан Трипуновски претседател на комисијата за земјоделие на ВМРО-ДПМНЕ истакна дека камбекот на Љупчо Николовски во земјоделието е продолжение на веќе видена погубна политика во земјоделскиот сектор во Македонија.
-Камбекот е очигледен но спокојство не треба да има затоа што ги видовме неговите политики додека беше министер во период 2017 до 2019 година. Ова што сега се враќа во ресорот е само уште еден дополнителен зголемен ризик на она што значи погубни политики во секторот земјоделство во Македонија, истакна Трипуновски.
Трипуновски додаде и дека изминативе години погубните политики, празниот стомак и празниот џеб ги извадија земјоделците на улиците.
-Обвинувањата на власта дека опозицијата ги организира земјоделците е тотално неиздржано. Затоа што земјоделците не ги поведе ниту ВМРО-ДПМНЕ, ниту некој поединец, нив ги поведе празниот стомак. Дали се работи за оризарите од Кочанско дали се работи за било која друга категорија земјоделци, празниот стомак и празниот џеб ги извади на улици и тоа го гледаме изминативе пет години, нагласи Трипуновски.
Трипуновски изјави дека изминатите пет години македонското земјоделство уназадува и повеќе имаме хали со марухуана отколку површини со пченица.
-Ние сме сведоци дека изминативе пет години со СДСМ не само што не одиме напред туку се враќаме назад и тоа не само едно скалило десетици скалила наназад. И затоа денес имаме земјоделство такво какво што имаме. Ние имаме намалени површини под пченица, ние денес низ нашата држава имаме повеќе хали со марихуана отколку што имаме полиња со пченица.Тоа се тие политика на СДСМ, изјави Трупуновски.
Во однос на она што треба да се направи во земјоделскиот сектор Трупуновски истакна дека во македонското земјоделство најпрво потребна е стратегија, која во моментот ја нема.
-Главната водилка во земјоделскиот сектор е да се следат светските трендови и нормално како држава како министерство да се направат долгорочни стратегии ние во моментот немаме ниту краткорочна, ниту среднорочна, ниту долгорочна стратегија. Ние како држава, како министерство и земјоделците не знаат кон што треба да се насочат што треба да се стремат за да знаат каде ќе стигниме за пет, десет петнаесет години од сега, заклучи Трипуновски.