Не смее разговорите со Бугарија да се остават само на политиката и да останат само на разговори. Треба да се потпишат конкретни договори со конкретни рокови и да се најде начин да се избегне бавното и скапо градење на инфраструктурните проекти, порача вечерва претседателот на Македонско-бугарската стопанска комора, Кирил Лазаров.
-Од двете страни не се преземаа мерки за инфраструктурно поврзување. Причина за тоа е што се оставаше политиката да го диктира бизнисот, а сега тргнуваме на обратен начин. Бизнисмените веќе пет шест години наназад зборуваат дека треба да се остави простор економијата да го трасира патот за подобра иднина на двата народа. Досега не не слушаа, но сега се менуваат работите, рече Лазаров во интервју за ТВ Сител.
Тој додаде дека стопанствениците имаат цел список на проекти кои треба да се реализираат со цел подобро поврзување на двете земји и нагласи дека е потребно брзо да се инвестира во инфраструктурните проекти. Цената за неизградба на автопати, како што рече, државите од регионот ја платија со иселувањето на повеќе од еден милион жители.
-Ништо не го спречува бугарскиот бизнис во Северна Македонија, ниту македонскиот во Бугарија, но како да зборуваме за трговија кога имаме мали гранични премини со по една лента за камиони и возила. Каков проток да очекуваме, праша Лазаров.
Нагласи дека Бугарија е шестти трговски партнер на земјава, со трговска размена од околу 5 проценти.