Социјалната мрежа Фејсбук објави дека нејзините корисници ќе можат да слушаат подкасти директно на апликацијата Фејсбук во наредните месеци.
Извршниот директор на Фејсбук, Марк Цукерберг изјави дека компанијата планира да лансира неколку аудио производи и алатки за пребарување и пуштање подкасти.
Фејсбук, исто така, ќе додаде алатки за создавање аудио содржина, кратки аудио формати и пред се „простории за разговор“, звучни и во живо (Live audio rooms), инспирирани од успехот на Клубхаус, каде корисниците слушаат и учествуваат во разговор без слика.
Брзото ширење на апликацијата Клубхаус, стара само една година, го покажа потенцијалот на услугата за аудио разговор, особено додека луѓето остануваа дома за време на пандемијата од Ковид -19.