Јапонскиот премиер Фумио Кишида денеска ја реконструираше владата со цел, како што претходно соопшти, да ја дистанцира од контроверзната Унификациска црква, позната и како Мунова секта, поврзана со убиениот поранешен премиер Шинѕо Абе и со високото раководство на владејачката партија.
Кишида вчера изјави дека спроведувањето „строга ревизија“ на односот меѓу црквата и кандидатот за функција во кабинетот ќе биде „предуслов“ за нивно именување.
Исто така, Кишида им нареди на министрите и другите високи функционери да ги разјаснат своите врски со Муновата секта, за граѓаните да имаат доверба во нивната политичка и административна работа.
Според резултатите од истражувањето објавено претходно оваа недела од јапонскиот јавен сервис NHK, поддршката за владата на Кишида паднала од 59 на 46 отсто. Мнозинството од испитаниците сметаат дека политичарите не се оградиле доволно од контроверзната црква.
Муновата секта е основана во Сеул во 1954 година. Основана е од Сун Мјунг Мун, кој е и самопрогласен месија.
Учењата на сектата се засноваат на толкувањата на Мун на Библијата и на конзервативниот вредносен систем фокусиран на семејството и противењето на комунизмот.