Неколку беспилотни летала (UAVs) на пат кон Москва беа упатени во близина на главниот град на Русија во раните утрински часови , објави гувернерот на московскиот регион Андреј Воробјов на својот канал „Телеграм“, пренесува руската агенција „ТАСС“
„Утрово, жителите на некои области во Московскиот регион можеа да слушнат звуци на експлозии – тоа беше нашата противвоздушна одбрана во операција. Неколку беспилотни летала беа соборени на нивниот курс кон Москва“, рече Воробјов.
Гувернерот побара од жителите на Московскиот регион да ја задржат својата смиреност, додавајќи дека „сите сервисни единици за итни случаи се во функција и ќе следат дополнителни информации“.
Засега руските медиуми не прецизираат од каде полетале беспилотните летала и кој е одговорен за нападот.
Претходно, градоначалникот на Москва, Сергеј Собјанин, извести дека неколку згради во Москва имаат помали оштетувања како резултат на напад со дронови.
„Утринава, како резултат на нападот на беспилотните летала, има мали оштетувања на неколку згради. Сите служби за итни случаи на градот се на терен“, изјави градоначалникот Сергеј Собјанин
Градоначалникот нагласи дека при инцидентот нема потешко повредени, а итните служби ги истражуваат околностите на инцидентот. Според него, две лица побарале лекарска помош, но тие немале потреба да останат во болница.
Евакуирани се жителите на неколку згради. По завршувањето на работата на специјалните служби, тие ќе можат да се вратат во своите станови.
„Од безбедносни причини при работата на итните служби преземени се мерки за евакуација на жителите од неколку влезови во двете згради кои беа погодени со дронови. Веднаш по работата на специјалните служби жителите ќе можат да се вратат во нивните станови“, напиша Собјанин.
Тој исто така повика да се верува само на официјални извори и да не се шират непроверени информации.