Повикувајќи се на дипломатски извори, сараевскиот портал Кликс објави дека документот не се занимава со прашањето на границите, но бара од Европската унија поголема поддршка за целиот Западен Балкан.
Министрите за надворешни работи на тие земји исто така бараат земјите и граѓаните на Западен Балкан да бидат вклучени во официјалните разговори за иднината на Европската унија, бидејќи, според нив, тие имаат право и треба да имаат можност да ги искажат своите ставови за иднината на Европската унија.
– Многу прецизно е наведено дека Западен Балкан треба да биде дел од иницијативата на Конференцијата за иднината на ЕУ, која беше започната во рамките на овој блок, се вели во текстот, јави БЕТА.
Министерката за надворешни работи на БиХ, Бисера Турковиќ, ја потврди информацијата за нон-пејперот за локални медиуми, додавајќи дека е запозната со содржината што ја смета за исклучително важна и дека треба да се поздрави.
– Ние сме официјално запознати и среќна сум со ваквиот пристап. Босна и Херцеговина, како и другите земји во регионот, имаат јасна перспектива за членство, нагласи Турковиќ.
Таа додаде дека „БиХ во суштина отсекогаш била дел од Европа“, и сега е „во процес на постигнување напредни европски стандарди во функционирањето и зајакнувањето на државата“.
– Желбата на овие пет земји (Вишеградска група и Австрија) да вклучат земји кои ќе станат членки во разговорите за иднината на ЕУ е важен сигнал дека нема да останеме да чекаме премногу долго за напредок кон членството. Истовремено, тоа е добро за ЕУ која без стабилен и европски Западен Балкан не е целосна.
Иницијативата на групата држави, како што е најавено, треба да биде испратена до раководството на Европската унија, вклучително и Европската комисија и комесарот за проширување, Оливер Вархеји.