Убиството на тројца минувачи и ранувањето на шестмина, од кои петмина се во сериозна состојба на плоштадот Барбароса во Вирцбург, ја потресе Германија.
Германската полиција соопшти дека осомничен е дваесет и четиригодишен Сомалиец, кој живее во Германија од 2015 година, а според тамошните медиуми, тој бил исклучително насилен во последните неколку месеци.
Според медиумите, напаѓачот го започнал својот крвав поход во продавница, извикувајќи: „Алаху Акбар“, потврди министерот за полиција на Баварија, Јоаким Хемран.
Полицијата сè уште истражува дали станува збор за терористички напад, но наведуваат дека истрагата не оди во насока на врски со радикални исламисти.Полицијата потврди дека осомничениот претходно бил на психијатриско лекување. Дополнителни полициски сили беа испратени во Вирцбург.
Херман им оддаде почит на минувачите за нивната храброст во обидот да го запрат напаѓачот ризикувајќи ги сопствените животи.
На прес-конференцијата полицијата го објави исказот на еден од сведоците дека осомничениот ги избодел жртвите со невидена бруталност.
За потсетување, попладнево, на социјалните мрежи се појави видео од човек со голем нож во раката како шета низ Вирцбург. Минувачите кои се најдоа на плоштадот Барбароса со столови, решетки и стапови се обидоа да го запрат напаѓачот пред доаѓањето на полицијата.
Напаѓачот се спротивставил на полицијата, а по пристигнувањето на засилувањето и по предупредувањата бил ранет од истрел од пиштол во ногата, разоружан и уапсен.