АМСМ информира дека минирањето на патниот правец Кичево – Охрид, на делницата Пресека – село Врбјани, што беше најавено за денеска, е одложено за в понеделник, кога сообраќајот ќе биде во прекин помеѓу 12 и 15 часот во времетраење од 15 до 20 минути.
На регионалниот пат Ресен – Охрид, преку Галичица, ЈП „Македонијапат“ врши градежни работи за чистење на банкините, косење и кастрење на гранки на делот од Царина до Трпеица.
АМСМ препорачува прилагодена брзина на движење, почитување на поставената сообраќајна сигнализација и внимателно управување со возилата, особено на патиштата низ котлините, речните долини и клисурите, каде има можност од појава на одрони. Ова посебно се однесува за делниците Катланово – Велес, Маврово – Дебар – Струга, Виница – Берово и Кочани – Делчево.