Истражувачите ја тестирале крвта на луѓето што претходно биле заразени со ковид, како и на оние што примиле само една доза вакцини „Фајзер“ или „Астра Зенека“ и заклучиле дека овој вид заштита не е доволен за неутрализирање на овој вид.
Сепак, само по две дози на вакцина, овој вид бил успешно спречен, покажаа резултатите од истражувањето објавено во списанието „Нејчр“.
Оливие Шварц, авторот на студијата и раководител на Одделот за вируси и имунитет на францускиот институт „Пастер“, изјави дека резултатите од студијата ги објаснуваат причините за зголемено пренесување на делта-сојот, особено во делумно невакцинираните земји.
-Докажавме дека зголемената толеранција на делта-сојот е поврзана со делумна отпорност на неутрализирачките антитела, рече Шварц.
Делта-сојот ги загрижи здравствените власти за можноста за брзо ширење. Првпат беше идентификуван во Индија и се прошири во повеќе од 90 други земји.
-Оваа студија покажува зошто вакцинацијата има заштитна улога од делта-сојот само по две дози на вакцината. Една доза од вакцината не активира доволни количини на неутрализирачките антитела, вели Шварц.
Во споредба со алфа-сојот, кој првпат беше откриен во Обединетото Кралство, делта-сојот е четирипати помалку чувствителен на антитела во крвта на луѓето што закрепнале од ковид до 12 месеци по нивната инфекција.
Луѓето што примиле само една доза на вакцина од „Фајзер“ или „Астра Зенека“ биле слабо или воопшто не биле заштитени, ниту од делта ниту од бета-сојот, кој првпат е откриен во Јужна Африка.
Сепак, со втората доза на вакцината, одговорот на неутрализирачките антитела е 95 отсто, покажува студијата.
Покрај тоа, антителата произведени од вакцините биле од три до петпати помалку ефикасни против делта-сојот, во споредба со алфа и бета-варијантите на вирусот.
Во меѓувреме, компаниите „Фајзер“ и „Бионтех“ соопштија дека имаат намера да побараат овластување во наредните недели за да дадат трета доза од нивната вакцина против ковид-19.