Граѓаните што се вакцинирани против ковид-19, а се позитивни на вирусот, се во многу мал број и тие се со лесна клиничка слика, вели министерот за здравство Венко Филипче. Тој појаснува дека вакцинираните граѓани се заштитени од тешко заболување и од смртен исход за разлика од оние граѓани што немаат прележано ковид и не се вакцинирани.
– Околу 10 отсто од вакцинираните граѓани се заразиле со ковид, а исто така околу 10 отсто од хоспитализираните ковид-пациенти се пациенти кои се вакцинирани, но тие се со лесна клиничка слика. Вирусот има најтешка форма кај невакцинираните граѓани, рече Филипче денеска во изјава за медиумите.
Тој соопшти дека денеска се потврдени околу 1 000 нови случаи на ковид-19 и дека е ставена во функција и модуларната болница во рамки на Инфективната клиника, со дополнителен кадар од другите клиники. Од вчера во функција е ставено и инфективното одделение во ГОБ „8 Септември“, а болницата во Козле е подготвена за прием на пациенти.
Министерството за здравство соопшти дека е зголемен интересот за вакцинација против ковид и дека процесот се одвива непречено на сите пунктови низ државата, а во тек е и теренска вакцинација.
– На вакциналните пунктови во државата и на терен, заклучно со вчера, вакцинирани се вкупно 612 391 граѓани. Прва доза вакцина вчера примиле 11 732 граѓани, а вчера вкупно се вакцинирале 17 427 граѓани, информираат од Министерството.