Унгарскиот премиер Виктор Орбан денеска во телефонски разговор изрази солидарност со казахстанскиот претседател Касим Жомарт Токаев, објави унгарскиот министер за надворешни работи на својата официјална страница на Фејсбук и извести за успешната евакуација на унгарските граѓани.
-Премиерот (Орбан) денеска разговараше со претседателот Токаев и изрази солидарност и сочувство со многу, многу жртви, а ние, се разбира, им понудивме помош, рече министерот за надворешни работи Петер Сијарто во видеото.
-Во Казахстан се случи обид за уривање на уставниот поредок, како и добро координиран напад врз самата казахстанска држава, рече Сијарто.
Како што пренесува унгарската агенција МТИ, тој известил дека унгарските државјани, кои побарале помош, се безбедно евакуирани од Казахстан и ќе пристигнат во Будимпешта вечерва.
Во Казахстан веќе една недела има немири по антивладините протести поради поскапувањето на горивото.
Како одговор на протестите, Токаев прогласи вонредна состојба, ја распушти владата и и нареди на армијата да пука во демонстрантите без предупредување.
Повеќе од 160 луѓе загинаа, а над 2.000 се повредени. Денеска е ден на жалост во државата.