Коалицијата „Вреди“ изнесе нови обвинувања откако вчера објави информации за тендерите кои фамилијарно поврзаната фирма на пратеникот Елми Азири ги добила од Министерството за политички систем и односи со заедниците, во времето на главниот логистичар на ДУИ, Артан Груби.
Бујаре Абази од „Вреди“ на денешната прес-конференција истакна дека истата фирма, чијшто сопственик е внук на сопругата на пратеникот Елми Азири земала тендери од Општина Липково, од средното училиште „Исмет Јашари“ во Липково, од гимназијата „Сами Фрашери“ во Куманово и ЈЗУ Здравствен Дом – Куманово.
На овие четири тендери, соопшти Абази, фирмата РИТРОН КОПИ ДООЕЛ увоз-извоз Куманово, дала понуди за набавка на компјутерска опрема за што и биле исплатени без малку 1 милион денари.
„Овие информации јасно покажуваат дека без разлика дали се работи за набавки од помала или поголема вредност, без амин на ДУИ ниту една фирма не може да добие ниту денар. Очигледно е дека ДУИ владеел како мафијашка структура која не се воздржувала да ги злоупотребува народните пари за остварување политичко влијание. Во мрежата на ДУИ се фаќале сите политичари кои ја сфаќаат политиката и како можност за лично и фамилијарно богатење“, истакна Абази.
Коалицијата „Вреди“ објави и дека го охрабрува раководството на опозицискиот Европски Фронт, добро да му објасни на своето членство зошто клучните поранешни функционери на Али Ахмети и Зиадин Села се под сомневање за политичка корупција.