Администрацијата на претседателот на САД, Доналд Трамп, привремено ги суспендира термините за поднесување барања за визи ширум светот, во рамки на заострувањето на имиграциската политика.

Портпаролот на Стејт департментот изјави дека е покрената глобална програма за обука во сите американски амбасади и конзулати и дека термините за визни услуги ќе бидат приспособени за да се овозможи нејзино спроведување.

Трамп спроведува опсежна кампања за депортација и заострување на имиграциската политика, која вклучува укинување на визи и зелени карти, како и одбивање на барањата поради низа причини, меѓу кои се политички ставови и учество во пропалестински протести.

Трамп тврди дека целта на тие мерки е подобрување на внатрешната безбедност, но неговата политика претрпе неколку правни порази. Американски сојузен судија во петокот ја поништи политиката на администрацијата на Трамп со која беше прекинато издавањето имигрантски визи за баратели од 75 земји, заклучувајќи дека со неа е пречекорена законската овластеност на државниот секретар Марко Рубио.

Стејт департментот не изнесе детали за содржината ниту за времетраењето на обуката. Соопшти само дека нејзината цел е да им помогне на конзуларните службеници да ги препознаат и одбијат барателите за кои се смета дека би можеле да станат зависни од американските социјални надоместоци, како и да се осигура дека сите барања за визи се проценуваат „сеопфатно и доследно“.

Бројни организации за заштита на човековите права ја осудија имиграциската политика на Трамп, нарекувајќи ја дискриминаторска и тврдејќи дека го крши правото на слобода на говор и правична постапка. Тие исто така предупредуваат дека таа создала несигурна средина во САД, посебно за припадниците на етничките малцинства кои изразуваат загриженост поради расно профилирање.