Администрацијата на американскиот претседател Доналд Трамп размислува да го номинира поранешниот унгарски премиер Виктор Орбан за нов генерален секретар на Обединетите нации, а Вашингтон верува дека Русија и Кина исто така би го поддржале Орбан, објави „Џерусалим пост“, повикувајќи се на извори од трите земји.
Американските претставници наводно му го донеле предлогот на Орбан и го охрабриле да влезе во трката за функцијата, а поранешниот унгарски премиер, иако изразил интерес, сè уште не донел конечна одлука дали да се кандидира, објави весникот.
Орбан наводно се двоумел да ја објави својата кандидатура сè додека не бил сигурен дека може да победи.
Официјални лица од Соединетите Американски Држави изјавија дека кога Вашингтон, Москва и Пекинг ќе се согласат за исход во Советот за безбедност на ОН, тие генерално можат да обезбедат негово спроведување.
Службеник на Стејт департментот призна дека предлогот на почетокот изгледал прилично нереален, но истакна дека Орбан би можел да добие значителна поддршка во Советот за безбедност на ОН.
Според проценката на тој функционер, осум од 15-те членови на Советот за безбедност би ја поддржале кандидатурата на Орбан „без проблем“, со можност тој да добие дури десет гласови.
Весникот наведува дека клучното прашање е како би реагирале Велика Британија и Франција, кои се постојани членки на Советот за безбедност со право на вето, и дека ниту Лондон ниту Париз не зазеле официјален став за ова прашање.
Функционер на Стејт департментот го опиша Орбан како „кандидат од соништата за конзервативците на MAGA“, наведувајќи го неговото противење на масовната имиграција, либералните невладини организации и воспоставените центри на моќ во судството и медиумите на Унгарија.
Друг извор рече дека се очекува Трамп и потпретседателот на САД, Џ.Д. Венс, да го поддржат Орбан во трката за генерален секретар на ОН, доколку тој одлучи да се кандидира.
Изворот наведе дека секое евентуално објавување на кандидатурата ќе биде одложено до крајот на среднорочните избори во САД.
Дипломатот од Обединетите Арапски Емирати (ОАЕ) Лана Нусеибех е сè посериозен кандидат за генерален секретар на ОН.
Сè уште не е јасно дали името на Орбан ќе биде вклучено во неформалното гласање во Советот за безбедност во среда, а можно е дополнителни кандидати да влезат во трката.
Трамп го поддржа Орбан за време на априлските избори во Унгарија, додека Венс, исто така, учествуваше во изборната кампања во негова корист.
Мандатот на сегашниот генерален секретар на ОН, Антонио Гутереш, завршува на 31 декември.
