Адвокатот на Сашо Мијалков, Петре Василев, вели дека истрага заради наводното бегство на неговиот клиент, покажала дека бегство воопшто немало.
Според Василев, со самото тоа, повеќе не постои главната причина заради која беше баран притвор за Мијалков.
Василев вели дека не е важно што се случувало во февруари и дали намерно била иницирана медиумска кампања со притворот на неговиот клиент туку е важно тоа што Сашо Мијалков „редовно се појавувал на сите закажани рочиште и буквално до збор ги почитувал сите изречени мерки“.
Очекувањата на адвокатот се дека оваа нова околност во случајот ќе биде земена предвид во Апелациониот суд затоа што доколку Мијалков не бегал и немал намера да бега, Василев не гледа причина „зошто покрај понудените гаранции не би му било дозволено да се брани од слобода“, објави Телма.