Аеродромот во германскиот град Нирнберг денеска беше привремено затворен по полициска операција поврзана со пријавена вонредна состојба на лет. Патнички авион од грчкиот остров Крф слетал во Нирнберг во придружба на германски борбени авиони „Еурофајтер“.

Инцидентот се случил неколку часа откако тројца пилоти пријавиле можен дрон во близина на аеродромот. Полицијата првично соопштила дека постојат сомневања за вонредна состојба за време на летот, но дека тоа сè уште не е официјално потврдено. Набргу потоа властите објавиле дека опасноста поминала.

„Проверките на терен покажаа дека нема опасност“, соопшти полицијата на Икс.

Станува збор за летот XR456 на авиокомпанијата „Корендон ерлајнс“, кој требало да пристигне во Нирнберг околу 12:15 часот. Според податоците на „Флајтрадар24“, авионот безбедно слетал во 12:16 часот.

Аеродромот, сепак, останал затворен, а полициската операција продолжила. Неколку авиони биле пренасочени кон Франкфурт, Меминген, Штутгарт и Минхен. Според неофицијални информации, на аеродромот биле испратени и специјалните полициски сили СЕК.

Нирнбершкиот аеродром имал проблеми со воздушниот сообраќај и претходната ноќ. Тројца пилоти, независно еден од друг, пријавиле непознат летечки објект, кој го забележале при полетување или слетување меѓу 2 и 4 часот наутро. Полицијата се сомнева дека станувало збор за дрон.

Граничната полиција почнала потрага во координација со аеродромот „Албрехт Дирер“ и германската контрола на летање. Во акцијата учествувал и полициски хеликоптер, но сомнителниот објект не бил пронајден.

Хрватскиот портал „Индекс“ објави дека авионот од Крф активирал код 7500, кој означува киднапирање, и дека пилотот не бил достапен преку радиоврска. НАТО наредил пресретнување, а над Хрватска авионот бил пресретнат од хрватски борбен авион „рафал“. Истражителите проверуваат дали безбедносната тревога можеби била предизвикана од технички дефект.

Германската полиција потврдила дека пилотот не одговарал на радиоповиците по активирањето на кодот. Наредбата за пресретнување ја издала Заедничката воздухопловна команда на НАТО во Торехон, Шпанија.

Хрватскиот „рафал“ го пресретнал малтешкиот „боинг“ во 11:02 часот над Кореница. Пилотот на борбениот авион визуелно го идентификувал леталото и успеал да воспостави радиоврска со екипажот. Во 11:20 часот задачата за придружување ја презеле германските воени авиони „Еурофајтер“.

За операцијата бил информиран и хрватскиот премиер Андреј Пленковиќ.