Јас не знам што точно се случи, не си дозволувам да прејудицирам како течел процесот, но отвора љубопитност, вели амбасадорката на САД.
Американската амбасадорка Анџела Агелер вели дека се уште е збунета од изборот на новиот шеф на Основното јавно обвинителство за гонење организиран криминал и корупција и дека има многу работи кои се оставени без одговор околу изборот на Ислам Абази.
„Јас веќе кажав и мојата изјава дека го гледам како збунувачки останува на сила. Го гледав како збунувачки кога се случи и се уште го гледам така. Мојата збунетост се рефлектира и во она што го кажавте дека 8 проценти од граѓаните имаат доверба во процесот. Јас не знам што точно се случи, не си дозволувам да прејудицирам како течел процесот, но отвора љубопитност“, рече Агелер во вечерашното гостување на ТВ Сител.
Според неа, има многу работи кои се оставени без одговор и дека тоа не е поврзано со личноста што е избрана, туку со процесот.
„А процесот, за да се изгради доверба од 8 проценти на барем двоцифрен број, бара да биде процес во кој луѓето ќе погледнат и ќе си речат – да, разбирам што се случи, разбирам од каде дојдоа гласовите и како се одвиваше процесот. Искрено, не е само изборот на оваа конкретна индивидуа, туку за целиот процес кој граѓанинот на оваа земја може да го види во кој било судски процес и да рече – разбирам што се случи, дали се согласувам или не, е посебна работа, но знам како изборот се случил и јас како граѓанин на мојата земја верувам дека овој процес има за цел да ми служи мене и на општото добро“, додаде Агелер.
Во интервјуто американската амбасадорка се осврна и на состојбата во судството за која рече дека e длабоко разочарувачка.
„Дури и во ова време во кое што сум тука, а денеска се навршува еден месец видов работи кои се збунувачки, проблематични и, како што кажав, тоа е огромно разочарување. Ние говориме за декади од инвестиции. Говориме за милиони и милиони долари, платени од даночните обврзници на САД, за да се инвестира во судството на оваа земја. Во овој момент фер е да се каже дека сме обучиле, во една или друга форма, многу над мнозинството во правосудниот систем во оваа земја. И затоа верувам дека како поврат на таа инвестиција ние, но уште поважно граѓаните на оваа земја, заслужуваат да видат поврат на таа инвестиција. Заслужуваат да видат судство што работи за нив, кое им покажува дека тие можат да добијат правда. Дека правдата им е достапна. И тоа би било оддолжувањето кое ние како САД и како Амбасада и во Вашингтон го очекуваме. Едноставно, да знаеме дека луѓето во оваа земја можат да гледаат во своите судии, обвинители, истражители и да знаат дека ќе добијат еднаква правда за сите. Тоа би било супер“, рече Агелер.
Амбасадорката на Соединетите Американски Држави, на средината на минатиот месец, остро го критикуваше изборот на нов шеф на Основното јавно обвинителство за гонење организиран криминал и корупција.
„Ние, во Амбасадата на САД, секако дека резултатите ги сметаме за збунувачки, особено откако во изминатите години потрошивме милиони долари на обука на обвинители и други во правосудниот систем. Граѓаните на Северна Македонија заслужуваат независен правосуден сектор во кој позициите се пополнуваат по заслуга и квалитет (по мерит), низ транспарентни процеси, без разлика дали се во обвинителство, судство или која било друга јавна институција. Политичкото мешање нема место во овие постапки. Оние што би се вмешале преку вршење притисок, закани или коруптивни зделки на ‘мала врата’ треба да бидат повикани на одговорност од граѓаните“, одговори амбасадорката на САД во земјава, Анџела Агелер, на прашање на „360 степени“.
САД се збунети од изборот на Ислам Абази, особено по потрошени милиони долари за обука на обвинители.