Генералната дебата на 81-та сесија на Генералното собрание на ОН ќе трае од денеска до 28 септември, а светските лидери ќе дискутираат за глобалните предизвици и приоритети под темата „Обнова на довербата, управување со трансформацијата: Обединети нации што им служат на сите“.
Околу 130 шефови на држави и влади лично ќе присуствуваат во седиштето на светската организација во Њујорк за да ја испратат својата порака до светот.
Претседавач со 81-та сесија на Генералното собрание на ОН, што почна на 8 септември, е Халилур Рахман од Бангладеш, новиот претседател на Генералното собрание на ОН избран на таа позиција во јуни оваа година, кој ќе ја отвори општата дебата и ќе им се обрати на учесниците, по што генералниот секретар на ОН, Антонио Гутереш, ќе го презентира својот извештај за работата на Организацијата.
Бразил, во согласност со традицијата што датира од 10-тата сесија на Генералното собрание во 1955 година, е првата земја-членка чиј претставник зборува на општата дебата, со исклучоци од 1983 и 1984 година, а денес тоа ќе биде претседателот Луиз Инасио Лула да Силва.
САД, како земја-домаќин, се втората земја-членка чиј претставник, претседателот Доналд Трамп, ќе им се обрати на присутните.
Ватикан, Државата Палестина и Европската Унија се поканети да учествуваат во општата дебата, а датумите на нивните говорници се одредуваат според нивото на застапеност.
Општата дебата ќе се одржи во време кога светскиот поредок е во прилично тензична состојба, а самата ОН се бори да остане релевантна и да се спротивстави на критиките од Трамп, кој ги „скрати“ американските придонеси и ги повлече САД од десетици тела на светската организација.
Кинескиот претседател Шји Џинпинг нема да биде присутен на Генералното собрание на ОН, но ќе се сретне со Трамп во Вашингтон в четврток, што поттикнува контроверзии околу важноста на ОН во решавањето на глобалните кризи.
На дебатата во Њујорк ќе се дискутира и за прашањето за избор на следниот лидер на ОН, бидејќи мандатот на Гутереш истекува на крајот од 2026 година. Покрај тоа, според дипломатите, 15-члениот Совет за безбедност на ОН може да одржи состаноци на високо ниво за Украина, вештачката интелигенција и Блискиот Исток, вклучувајќи разговори со арапските лидери, а можни се и разговори на високо ниво за Судан.
Иранскиот претседател Масуд Пезешкијан треба да се обрати пред Генералното собрание на ОН в среда, а израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху в четврток, додека палестинскиот претседател Махмуд Абас нема да биде присутен лично бидејќи не му е издадена виза за САД.
Фокусот ќе биде и на војната меѓу Русија и Украина – украинскиот претседател Володимир Зеленски и рускиот министер за надворешни работи Сергеј Лавров ќе се обратат пред учесниците на дебатата.
Според агендата, настан на високо ниво за климатска акција и праведна транзиција ќе се одржи в среда, на 23 септември.
Светските лидери ќе разговараат за напредокот и начините за забрзување на енергетската транзиција, зајакнување на енергетската безбедност, унапредување на климатската правда и заштита на луѓето од климатската криза, 10 години по Парискиот договор.
Истиот ден, ќе се одржи состанок по повод 40-годишнината од Декларацијата на ОН за правото на развој, усвоена во 1986 година. Состанокот ќе се фокусира на прашања за човеково достоинство, слобода, еднаквост и правда, како и инклузивен, одржлив и партиципативен развој.
Пленарен состанок на високо ниво е закажан за в четврток, 24 септември, за егзистенцијалните закани што ги претставува зголемувањето на нивото на морето.
Глобалните лидери, експерти и други учесници ќе разговараат за заедничкото разбирање на проблемот, политичкото водство и меѓународната соработка, како и за развојот на сеопфатни решенија и конкретни обврски.
Состанок на високо ниво за превенција, подготвеност и одговор на пандемии ќе се одржи в петок, 25 септември.
Целта е да се мобилизира политичка волја на национално, регионално и меѓународно ниво.
Состанокот ќе биде воден од темата „Поттикнување на мултилатерален и меѓугенерациски пристап кон спречување, подготовка и одговор на пандемии и вонредни состојби во јавното здравје, преку принципите на еднаквост и солидарност“, и се очекува да заврши со усвојување на политичка декларација договорена со консензус.
За понеделник, 28 септември, е закажан состанок по повод 25-годишнината од усвојувањето на Декларацијата и Програмата за акција од Дурбан.
Еден ден подоцна, на 29 септември, ќе се одржи пленарен состанок на високо ниво по повод Меѓународниот ден за целосна елиминација на нуклеарното оружје.
Пред неделата на состаноци на високо ниво, Гутереш предупреди дека светот влегол во „ера на длабока неизвесност“ и ги повика државите да соработуваат меѓународно за справување со глобалните закани. Тој ги издвои неконтролираниот развој на вештачката интелигенција, климатската криза и продлабочувањето на нееднаквоста како три „егзистенцијални закани“. Тој, исто така, ги повтори повиците за решение со две држави на Блискиот Исток и прекин на огнот меѓу Русија и Украина.
Гутереш ги повика земјите-членки да ја почитуваат Повелбата на ОН, меѓународното право и човековите права, да инвестираат во одржлив развој и да работат за мир. Тој особено зборуваше за Газа и војната меѓу Русија и Украина, повикувајќи на „деескалација, дипломатија и дијалог“.
Тој голем дел од своето обраќање го посвети на брзиот развој на вештачката интелигенција.
Гутереш повика на создавање заштитни мерки што ќе ја зголемат довербата и ќе ја направат вештачката интелигенција „безбедна, транспарентна и одговорна, со човеково достоинство во нејзината суштина“.
