ДУИ информираше дека претседателот на партијата, Али Ахмети, испратил отворено писмо до локалната и меѓународната јавност, како и до меѓународните пријатели и партнери акредитирани во Македонија, но и до светски лидери и истакнати меѓународни личности.

Посветеност на Охридскиот договор

Во воведниот дел од писмото, Ахмети ја истакнува континуираната посветеност на ДУИ кон целосното спроведување на Охридскиот договор, изградбата на демократска и мултиетничка држава и евроатлантската интеграција на земјата.

Тој изразува загриженост за неодамнешните политички случувања што, според него, влијаат врз овие достигнувања. Меѓу нив ги наведува отстранувањето на механизмот за балансирање за фер и соодветна застапеност на заедниците, предизвиците во функционирањето на институциите што го спроведуваат Законот за употреба на јазиците, како и иницијативите за поткопување и оспорување на овој закон пред Уставниот суд.

До кого е упатено писмото

Отвореното писмо, објавено на 3 април 2026 година, е упатено до сите амбасадори на земјите-членки на Европската Унија акредитирани во земјата, како и до повеќе шефови на држави, премиери и поранешни лидери.

Меѓу нив се претседателот на САД, Доналд Џ. Трамп, претседателката на Европската комисија, Урсула фон дер Лајен, премиерот на Обединетото Кралство, Кир Стармер, претседателот на Франција, Емануел Макрон, канцеларот на Германија, Фридрих Мерц, премиерката на Италија, Џорџија Мелони, како и поранешниот американски претседател Џорџ В. Буш.

Опфатени и меѓународни претставници

Писмото е испратено и до претставници на меѓународни организации и дипломати, меѓу кои државниот секретар на САД, Марко Рубио, генералниот секретар на НАТО, Марк Руте, заменик-генералната секретарка на НАТО, Радмила Шекеринска, потпретседателката на Европската комисија, Каја Калас, како и амбасадорот на Европската Унија во Република Северна Македонија, Михалис Рокас.

Во објавата се наведуваат и други меѓународни претставници, меѓу кои Кристофер Ландау, Брендан Ханрахан, Колин Хајланд, Розмари Ди Карло, Аиво Орав, Самуел Жбогар, Арне Санес Бјорнстад и Кларис Пастори.

Меѓу адресатите се и поранешни претставници и истакнати меѓународни личности, како Џорџ Робертсон, Ерван Фуере, Федерика Могерини, Дејвид Гир, Питер Фејт, Хавиер Солана, Викторија Нуланд, Роберт Гелбард, Лоренс Е. Батлер, Крег Џенес, Донато Кјарини, Кетрин Ештон, Кристоф Хојсген, Николас Бигман, Лари Батлер, Дин Куран, Денис Близ, Џејкоб Мекферен и Даниел Сервер.

„Преку ова писмо, претседателот Ахмети бара континуирана посветеност и поддршка од меѓународните партнери за зачувување на достигнувањата од Охридскиот договор, зајакнување на стабилноста и унапредување на евроатлантската перспектива на Република Северна Македонија“, стои во објавата на ДУИ.