Цел на операцијата наречена „Платина-ДИА“ против Ндрангета, што беше иницирана утрово од италијанската Управа за истраги против мафијата (ДИА), се два мафијашки клана – семејствата на Агреста и на Џорџи, пренесува Бета. Семејството Џорџи е обвинето за меѓународна трговија со луѓе и трговија со дрога во неколку региони во Италија и Германија.
Повеќе од 200 припадници на ДИА, околу 100 полицајци и жандарми, како и армиски полк беа мобилизирани на територијата на Италија. Околу 500 агенти се мобилизирани во други земји, соопштија италијанските истражители.
Издадени се три налози за апсење во Германија, 30 во Италија, а полицијата изврши претрес во 80 домови во двете земји.
Се проценува дека Ндрангета, чие име на грчки значи „херојство“ или „машка доблест“, ја надмина по моќ озлогласената сицилијанска Коза Ностра со помош на шверцот на кокаин од Латинска Америка.