Анкетата на влијателната агенција Алфа Рисрч покажува дека на евентуални предвремени избори во Бугарија, ГЕРБ би била прва политичка сила со 21,7 отсто пред „Продолжуваме со промената“ на премиерот Кирил Петков, која би добила 18,4 отсто, јави дописникот на МИА од Софија.

Трета политичка сила, според анкетата, би била Бугарската социјалистичка партија со 10,2 отсто поддршка. Во Бугарија се забележува мобилизација на радикално гласање, што и даде поттик на националистичката „ренесанса“, која забележа најсилен раст во овој период, достигнувајќи 9,4 проценти. Движењето за права и слободи ужива 7,6 отсто доверба.

„Има таков народ“ е коалициски партнер кој трпи значителни негативности. Поддршката за партијата е намалена за 2,1 процентен поен во однос на февруари и моментално изнесува 4,5 отсто. Поради внатрешно-политичките проблеми во првите 100 дена од владејачката коалиција во Бугарија, личниот рејтинг на премиерот Кирил Петков падна од 39 проценти на 22,5 отсто, но тој сепак остана најподобниот меѓу партиските лидери во Бугарија. Тоа влијае и на довербата на бугарската влада, чиј рејтинг падна за 15 отсто.

Руската инвазија на Украина останува главна тема за бугарските граѓани. Продолжува падот на довербата кај Бугарите во личниот рејтинг на рускиот претседател Владимир Путин. Ако во првите две недели падот на рејтингот на Путин достигна 32 проценти, сега довербата во него падна на 25 отсто, а недовербата скокна на 61 отсто. Многумина од учесниците во истражувањето, на кои и понатаму им се допаѓа Русија, изразија негативен став кон рускиот претседател Владимир Путин, што е новина за ставовите на јавноста во Бугарија.

Другата значајна промена е категоричното отфрлање на Русија како модел на државен и политички развој на Бугарија. 63 отсто од испитаниците се на мислење дека местото на Бугарија во светот што се менува е во сојуз со земјите од ЕУ и НАТО. Само 15 отсто сметаат дека местото на Бугарија е во сојуз со Русија и земјите околу неа. Податоците покажуваат дека бугарското општество минува низ фаза на трансформација, која според Алфа Рисрч ќе има влијание не само на геополитичките ставови, туку и на поддршката за поединечните политички сили во Бугарија.

Анкетата е спроведена од 8 до 14 април 2022 година, меѓу 1.037 полнолетни граѓани на Бугарија, преку директно стандардизирано интервју со таблети.