Бизнисмените предупредуваат – без работна сила, економијата стагнира
Алармантен недостиг на стручен кадар. Македонскиот бизнис сектор сè погласно алармира за сериозен недостаток на работна сила. Тоа директно ја загрозува економската активност во земјава. Компаниите, особено оние што инвестираат во нови технологии, се соочуваат со тешкотии во пронаоѓање вработени.
Пензионерите како потенцијално решение за пополнување на дефицитарниот кадар
Сопствениците на фирми, како Ацо Андревски од Охрид, предлагаат воведување мерки. Тие би овозможиле пензионерите по навршување 64 години повторно да се вклучат на пазарот на труд. Според него, искуството и зрелоста на овие луѓе се недоволно искористени, а работната сила недостасува токму во најчувствителните сегменти на стопанството.
Газдите не видоа аир од увозот на работна сила: Непалци доаѓаат, ама за кратко бегаат
Законски измени за сезонска работа и поголема флексибилност
Во собраниска процедура веќе е поднесен предлог-закон кој овозможува флексибилни услови за работен ангажман на самовработени, студенти, лица под 18 години и странци со регулиран престој. Целта е тие да можат да работат сезонски, без да ги изгубат тековните државни приходи како пензии, стипендии или социјална помош.
Државата со стратегија за задржување на младиот и квалификуван кадар
Паралелно со овие мерки, Владата и Стопанската комора на Македонија најавуваат платформа за задржување и враќање на младите и високообразовани кадри од дијаспората. Претседателот на Комората, Бранко Азески, нагласува дека луѓето се двигателот на економијата, а без нив нема просперитет.
„Ќе се подготви база на податоци за сите кои сакаат да се вратат и работат тука. Веќе имаме зголемен интерес, што покажува дека оваа стратегија има реална основа и поддршка“, изјави Азески.
Потребна е синергија за одржување на економската активност
Како што потенцираат од Комората, партнерството со Владата е клучно за да се спречи одливот на мозоци и да се обезбеди континуитет на економскиот развој. Враќањето на македонските стручњаци и подобрувањето на условите за работа дома се клучни алатки за стабилна и отпорна економија.
Извор: Алфа ТВ