Вицепремиерот и министер за транспорт, Александар Николоски, ја продолжува својата официјална посета на Чешката Република, каде што остварува билатерални средби со високи претставници на чешката влада во рамки на Комитетот за економска соработка меѓу двете држави.
Главни теми на посетата се развојот на транспортната инфраструктура, енергетиката, новите авиолинии и можните инвестиции од „Шкода“ во Македонија.
Нови авиолинии: Скопје – Прага и Охрид – Карлови Вари
Како дел од агендата, Николоски одржа средба со директорот на аеродромот во Прага, каде што се разговараше за воведување на нови авиолинии меѓу Скопје и Прага и за потенцијална втора линија Охрид – Карлови Вари.
„Разговаравме за отворање на директна авиолинија Скопје – Прага, а сме многу блиску до нејзина реализација. Дополнително, разгледуваме можност за линија Охрид – Карлови Вари, што би ја направила Македонија подостапна за чешките туристи“, изјави Николоски.
Дополнително, на средбата биле разгледани две опции – дали да се ангажира авиопревозник што ќе лета ексклузивно кон Скопје или летовите да бидат конектинг линии што ќе поврзуваат повеќе европски дестинации.
„Јас сум повеќе за втората опција, бидејќи тоа отвора поголем број патници и подобра поврзаност. Бидејќи летната сезона веќе започна, зборуваме за зимска сезона и следната летна сезона како реален период за воведување на новите линии“, додаде Николоски.
Можни инвестиции од „Шкода“ во Македонија
Во рамки на посетата, вицепремиерот ќе оствари средба и со менаџментот на „Шкода“, каде што ќе се дискутира за можноста за инвестиции во автомобилската индустрија во Македонија.
„Мислам дека за ‘Шкода’ не треба многу да се зборува. Ќе се обидеме да ги привлечеме да инвестираат во Македонија, што би било голем исчекор за автомобилската индустрија кај нас“, изјави Николоски.
Енергетска и економска соработка
Николоски ќе оствари и билатерални средби со министерот за транспорт и министерот за енергетика на Чешка, при што ќе се дискутира за развој на транспортната инфраструктура, инвестиции во енергетски проекти и зголемување на трговската размена меѓу двете земји.
„Посетата опфаќа повеќе сектори – земјоделство, култура, туризам, економија, финансии, надворешни работи и енергетика. Со ова ја зајакнуваме економската соработка и отвораме нови можности за туристичка размена меѓу Македонија и Чешка“, нагласи Николоски.
Работната посета се очекува да даде конкретни резултати во областа на транспортот, енергетиката и инвестициите, што ќе придонесе за економски раст и подобро позиционирање на Македонија на европскиот пазар.
Целата изјава на вицепремиерот Николоски
-Она што ми е особено задоволство е тоа што ќе се остварат бројни билатерални средби меѓу различни ресори. Покрај мојот ресор, тука е и ресорот земјоделие, култура и туризам, економија и финансии, надворешни работи и енергетика. Значи бројни сектори ќе бидат опфатени како можност за сорабокта меѓу двете држави. Веќе се прават посети на различни стопански концепти, исто така имаше и презентација на туристичките потенцијали на Македонија и множноста за привлекување на туристи, а само што завршивме состанок со директорот на аеродормот на Прага. Разговаравме за отворање на директна линија меѓу Скопје и Прага и можам да кажам дека сме многу блиску за отворање на директна линија, а можам да кажам дека разговаравме и за отварање на втора линија од Карлови Вари до Охрид како втора дестинација која би одела од Чешката Република. Денот го продолжуваме со средба со претставниците на фабриката Шкода, мислам дека не треба многу да се кажува за Шкода, ќе се обидеме да ги привлечеме да инвестираат во Македонија. За утрешниот ден имаме средби со министерот за транспорт и министерот за енергетика, тука е и зедничкиот Комитет меѓу двете делегации и на тој начин очекувам да се зголеми трговската соработка а и туристичката размена меѓу двете земји и на овој начин покажуваме дека се обидуваме да го развиеме туристичкиот потенцијал и да ја подобриме економијата во Македонија.
На средбата со директорот на аеродромот на Прага беа разменети идеи дали да се оди со авиопревозник кој што би го имал Скопје како единствена дестинација или тоа би се користело за конектинг летови кои би поврзувале други дестинации. Јас сум повеќе за втората варијатна затоа што тоа отвора друг тип на патници, отвора повеќе патници, а во однос на летната сезона таа е веќе почната така што зборуваме за зимска сезона и другата летна сезона, тоа е најрано кога што можеме да очекуваме други дестинации, изјави вицепремиерот Александар Николоски.