– Тие коишто ја имаа најголемата обврска да го имплементираат договорот во овие две децении, денес организираат скапи прослави и забави за да го покријат нивниот дводецениски неуспех. По 20 години, Охридскиот договор продолжува да биде тема на дискусија и ниту еден од столбовите на овој договор не е заокружен. Сѐ уште не се исполнети обврските од договорот, како што се: правична застапеност, социјална и економска еднаквост, уставна еднаквост на граѓаните во земјата, квалитетно образование, рисоцијализација на учесниците во конфликтот, реална децентрализација, нефункционалност на бадентеровиот систем, меѓуетничките односи и европската интеграција. За да биде иронијата уште поголема, денес се трошат 500 илјади евра за организирање на една прослава, предизборна забава на партиите на власт, додека, тие што беа најзаслужни, семејствата на загинатите борци и учесниците во војната во 2001 година, се борат за опстанок, со неизлечени рани, а многу од нив заминаа надвор од државата, велат од Алијанса за Албанците.

Тие обвинуваат дека за војната и за Охридскиот договор говорат луѓе, како Артан Груби кој нема ниту најмал придонес за овој процес, туку постојано профитира, газејќи по придонесот на сите други актери кои на различни начини инвестираа и се жртвуваа.

– Го повикуваме него и ДУИ да не манипулираат со крвта и жртвувањето на војниците и сите останати што дадоа придонес. Да, придобивките од Охридскиот договор се поголеми од петстотините илјади евра што се трошат за вашата партиска забава, но, јавно ве прашуваме, кои се придобивките од оваа забава? Немојте да манипулирате, парите не се трошат за Охридскиот договор, туку за прослави и за предизборна кампања злоупотребувајќи го овој документ, додаваат од Алијанса за Албанците.