Засилени контроли и анализи на компаниите

Министерството за здравство продолжува со засилени инспекциски контроли на компаниите кои одгледуваат канабис за медицински цели. Министерот Азир Алиу денеска најави дека во наредниот период лиценците ќе им бидат одземени на уште три фирми, додека една компанија сè уште е предмет на дополнителна анализа.

„Досега 23 компании се процесуирани, досега три се сигурни дека ќе се одземат лиценците. Четвртата се анализира“, изјави Алиу одговарајќи на новинарско прашање за текот на инспекциите.

На 24 февруари, министерот Алиу информираше дека на шест компании им се одземени лиценците, од кои четири се поврзани со скандалот со шверц на марихуана. Инспекциските проверки откриле сериозни недостатоци во работењето на дел од фирмите.

Различни неправилности во работењето

„Недостатоци има од различни аспекти – од административна гледна точка, од инфраструктурна гледна точка, од технолошка гледна точка, од човечки капацитети. Во некои од нив, внатрешната инфраструктура за следење, камерите не работат. Во дел од нив нема човечки капацитети, а во дел нема обезбедување“, рече Алиу.

Според него, сите правни субјекти ќе бидат предмет на засилени вонредни контроли, кои ќе опфатат вкупно 43 компании.

Истрага за шверц на марихуана

Јавно обвинителство за гонење на организиран криминал и корупција води истрага за шест лица поврзани со околу пет тони марихуана, пронајдени во селото Коњух. Дрогата претходно ја напуштила земјата преку граничниот премин Табановце.

Како првоосомничен е косопственикот на скопската компанија „Алфафарм“. Истражните активности се во тек, а министерот Алиу нагласи дека целта е да се обезбеди целосна усогласеност и контрола на сите компании со дозволи за одгледување канабис.