Министерот за здравство Азир Алиу ги објави резултатите од странската комисија која ги анализираше сомнежите за можни непотребни кардиолошки и кардиохируршки интервенции во приватни болници, направени со цел финансиска добивка.

Случајот првично го отвори кардиологот Сашко Кедев, кој јавно посочи на можни неправилности во дел од третманите и интервенциите.

Според Алиу, биле анализирани вкупно 13 предмети.

„Од вкупно анализирани 13 предмети, поврзани со сомнежи за непотребно извршени операции или непотребно упатени за операција, странската комисија кај четири пациенти констатираше дека обезбедениот третман во целина бил медицински соодветен, навремен и во согласност со прифатените стандарди на клиничка пракса“, рече Алиу.

Но, кај останатите девет случаи, според министерот, странските експерти утврдиле сомнителни наоди во документацијата и дијагностичката евалуација.

„Кај останатите девет пациенти, според странските експерти, документацијата укажува на сомнителни наоди во текот на дијагностичката евалуација, на пример несогласување меѓу ангиографски наоди од коронарографијата и писмениот извештај, по што следувала несоодветна индикација за процедурите, било ендоваскуларни или хируршки“, кажа министерот Алиу.

Станува збор за предмет што во јавноста отвори сериозни сомнежи за евентуални непотребни интервенции врз пациенти, со можни финансиски мотиви.