Лекари од дијаспората ќе се вклучуваат во системот преку дигитални платформи
Министерот за здравство Азир Алиу изјави дека телемедицината ќе биде еден од клучните столбови за унапредување на здравствениот систем и за справување со недостигот на медицински кадар во земјата.
Тој нагласи дека решението за дел од предизвиците се гледа и во вклучување на лекарите од дијаспората преку современи дигитални алатки.
„Денес имаме голем број лекари во дијаспората кои се многу добри специјалисти, работат на високо ниво и се почитувани во земјите каде што работат. Ние не сакаме овој човечки капацитет да остане неискористен“, изјави министерот Алиу.
Според него, преку телемедицината ќе се овозможи тие да учествуваат директно или од далечина во третманот на пациенти во земјата.
Тој додаде дека веќе имал комуникација со претставници на академски институции, при што дел од нив изразиле подготвеност да се вклучат во системот, дури и без финансиски надомест.
Пилот-фаза во Дебар и Делчево и план за проширување
Проектот за телемедицина веќе е во почетна фаза на имплементација и се спроведува како пилот во Дебар и Делчево, каде што здравствените услуги се обезбедуваат од далечина од Скопје.
„Првата фаза е пилотирање, додека втората фаза ќе се фокусира на стандардизација на процедурите за телемедицина, со цел системот да се прошири и да ги вклучи и лекарите кои работат надвор од земјата“, истакна Алиу.
Тој најави дека третата фаза ќе опфати развој на дигитални системи за напредни медицински анализи, особено во радиологијата, со што специјалисти од дијаспората ќе можат да даваат стручно мислење за случаи од домашните здравствени установи.
Според министерот, телемедицината ќе придонесе за подобар пристап до здравствени услуги и ќе создаде долгорочна соработка со медицинските професионалци надвор од земјата.
