Под слоганот „Своја на своето“, денеска започнува кампањата „16 дена активизам против родово базираното насилство“. Иницијативата упатува барање за правда за жените и девојчињата, како и повик за поголема вклученост на сите општествени сегменти во справувањето со овој горлив проблем во текот на целата година, а не само за време на траењето на кампањата.

Глобалната иницијатива се потпира врз три главни столба: кревање на гласот, верување на лицата кои претрпеле насилство и барање правда. На национално ниво, оваа година фокусот е ставен и на економското насилство врз жените и девојчињата, со цел да се подигне свеста за скриените форми на злоупотреба кои често се занемаруваат, а претставуваат вовед во многу потешки облици на насилство.

Организацијата на националната кампања е заеднички потфат на агенциите на Обединетите нации во земјава, Делегацијата на Европската Унија, Мисијата на ОБСЕ во Скопје, амбасадите и голем број институционални и граѓански партнери, со што се потврдува широката посветеност кон искоренување на овој општествен проблем.

Соочена со зголемениот број пријавени случаи на родово базирано насилство и фемициди во Македонија, кампањата потенцира дека секоја пријава мора да резултира со брз, координиран и ефикасен институционален одговор. Организаторите бараат доследна примена на законите, проширување на специјализираните услуги за поддршка на преживеаните, засилени заштитни мерки и поголема одговорност за насилниците, паралелно со едукација и уривање на штетните родови стереотипи.

„Неодамнешните случаи на насилство врз жени во Македонија се болно потсетување дека како општество мора да направиме повеќе. Институциите мора да ги заштитат жртвите и да ги повикуваат сторителите на одговорност, но мораме и да ги промениме ставовите што го нормализираат насилството, ги обвинуваат жртвите или поттикнуваат молк. Насилството врз жените никогаш не е приватна работа. Европската Унија цврсто стои покрај секоја жена и девојче, не само во текот на овие 16 дена активизам, туку секој ден“, вели Рокас.

Вршителката на должност шефица на Мисијата на ОБСЕ во Скопје истакнува дека на жртвите мора да им биде јасно каде можат да пријават насилство и каква помош им следува.

„Кога ќе проговорат, треба да бидат сфатени сериозно и да имаат пристап до поддршката и заштитата што им се потребни. Институциите, граѓанското општество, заедниците и меѓународните партнери имаат своја улога. Работејќи заедно, можеме да ја зајакнеме превенцијата од насилство и да го подобриме пристапот до услуги и правда. Кампањата „16 дена активизам“ ќе заврши. Нашата одговорност за спречување на насилството врз жените и девојчињата нема“, вели Пенкса.

Постојаната координаторка на Обединетите нации порачува дека овој феномен не претставува неизбежност и дека бара итен одговор од целокупната заедница.

„Кампањата „16 дена активизам“ е време искрено да погледнеме што направивме како општество за да ги заштитиме жените и децата од насилство. Ги повикувам сите институции, заедници, семејства и поединци да дејствуваат, да слушаат и да обезбедат ниту една жена или девојче да не остане без заштита. Заедно можеме да ставиме крај на насилството“, истакнува Колумбија.

Во следните шеснаесет дена ширум државата ќе се реализираат јавни дебати, трибини и активности за јакнење на јавната свест, со цел да се промовира нулта толеранција за какво било насилство. Кампањата симболично започнува на 25 ноември, Меѓународниот ден за елиминација на насилството врз жените, а завршува на 10 декември, кога се одбележува Меѓународниот ден на човековите права.