Пратеникот на ВМРО-ДПМНЕ, Бојан Стојаноски, обвини дека СДСМ намерно ја одложува надзорната расправа за состојбата со „Алта банка“, иако самата опозициска партија го побарала нејзиното одржување. Во гостувањето во „Утринско еспресо“ на Радио Лидер, Стојаноски рече дека владејачкото мнозинство го прифатило барањето на опозицијата, со услов расправата да се одржи што е можно побрзо, до крајот на оваа недела.

Тој посочи дека на опозицијата ѝ било овозможено да повика кого сака да присуствува на расправата, во рамките на собраниските процедури, за да добие одговори на сите прашања.

„Се случи да ја закажат наредната среда, на 11 ноември. Гувернерот вели: за еден час да ме викнете, ќе дојдам и ќе одговарам на прашања. Ние вчера баравме, со потписи од една третина од членовите на комисијата, денес да се одржи во 11 часот. Сами бараат надзорна расправа и сами не сакаат таа да се случи“, изјави Стојаноски.

Говорејќи за реакциите во јавноста околу состојбата со банката, пратеникот оцени дека граѓаните се загрижени поради, како што рече, секојдневните тврдења и, според него, невистините што ги пласира опозицијата. Тој направи споредба со случајот на „Еуростандард банка“, која пред шест години преку ноќ престана да работи, по што штедните влогови на граѓаните беа обесштетени од државата.

„Што е различно сега меѓу „Еуростандард“ и „Алта банка“? Тогаш Народната банка одзеде лиценца и веднаш ја испрати банката во стечај, без да направи нешто за да ги заштити парите на граѓаните или да понуди можност банката да ја купи друг сопственик. Сега, иако станува збор за две посебни правни лица – „Алта банка Србија“ и „Алта банка Македонија“, Народната банка превентивно ја презеде банката и го администрира целиот процес, со цел клиентите да не претрпат штета“, рече Стојаноски.

Според него, целта на администрацијата е во периодот до добивањето нов сопственик клиентите да не бидат оштетени во однос на штедните влогови и обврските кон банката.

Стојаноски ги отфрли осумте тврдења на Филипче

Осврнувајќи се на осумте тврдења на лидерот на СДСМ, Венко Филипче, во врска со „Алта банка“, Стојаноски рече дека досега не бил презентиран ниту еден документ или доказ со кој би се потврдиле изнесените обвинувања.

Како пример го посочи тврдењето дека од Србија во Македонија биле префрлени од 50 до 60 милиони евра, за кое рече дека било демантирано од гувернерот на Народната банка.

„Излезе гувернерот и рече дека средствата од Република Србија во Република Македонија се само 18.000 евра, а од Македонија кон Србија се 180.000 евра, кои се врз основа на плаќање на одредени обврски што ги имаат македонските компании кон српските компании“, изјави Стојаноски.

Во однос на тврдењето на Филипче дека Народната банка нема право да ги продава акциите на банката, Стојаноски рече дека тоа не е точно и се повика на членовите 136 и 137 од Законот за банките.

Тој ги отфрли и наводите дека при преземањето на „Стопанска банка“ АД Битола од страна на „Алта банка“ не биле направени потребните проверки. Притоа презентираше хронологија на процесот, кој, според него, започнал на 20 мај 2025 година, а завршил на 12 декември 2025 година, кога банката го променила името.

Во тој период, како што посочи, биле спроведени повеќе процедури, меѓу кои и добивање согласност од Народната банка за стекнување 100 проценти од акциите, како и одобрување на понудата од Комисијата за хартии од вредност. Преземањето на битолската банка било завршено во октомври 2025 година.

„Во целиот тој период од три до пет месеци, над 30 инстанци внатре во Народната банка дале потпис. Никој во државата не може да ви даде одобрение или дозвола за преземање банка со странски капитал ако не ги помине сите строги процедури што ги поседува државата“, рече Стојаноски.

Тој повтори дека постои суштинска разлика меѓу случајот со „Еуростандард банка“ и актуелната состојба со „Алта банка“, бидејќи во вториот случај Народната банка ја презела администрацијата за да се обезбеди заштита на клиентите.

Стојаноски го оспори и тврдењето дека растот на активата на банката од 11 до 13 пати укажува на незаконско потекло на парите. Според него, податоците достапни на веб-страницата на банката покажуваат дека активата можеби пораснала за околу 20 проценти, но не и за 11 до 13 пати, како што тврди Филипче.

Во врска со наводите дека гувернерот може да ги запре сите одлуки, Стојаноски рече дека доколку одлуките на гувернерот биле погрешни, банката можела да се најде во ситуација слична на „Еуростандард“.

Тој ги отфрли и обвинувањата дека премиерот лично го овозможил влегувањето на банката на македонскиот пазар, посочувајќи дека извршната власт нема надлежност во таквите постапки.

Притоа упати контраобвинувања кон поранешната власт, прашувајќи дали, според логиката на Филипче, тогашните премиер и технички премиер Зоран Заев и Оливер Спасовски имале одговорност за пропаѓањето на „Еуростандард банка“.

Стојаноски се повика на податоци од тогашната веб-страница на банката, според кои 29 компании од струмичкиот регион, од кои најголем дел, како што рече, биле поврзани со Зоран Заев, повлекувале кредити без соодветно покритие и без да ги враќаат. Тој праша дали тогашната власт дозволила банката да пропадне, доколку се применува аргументацијата што сега ја користи Филипче.

Во однос на наводните приватни средби со сопственикот на банката од Србија, Мацура, Стојаноски побара Филипче да ги поткрепи тврдењата со докази, посочувајќи дека приватните летови можат да се проверат.

Тој ги отфрли и обвинувањата дека јавните претпријатија префрлале пари во банката по политичка наредба, оценувајќи дека за тоа не бил презентиран никаков доказ.

Коментирајќи го последното тврдење дека депозитите на граѓаните биле украдени и дека банката пропаднала, Стојаноски нагласи дека „Алта банка“ не е во стечај, туку под администрација на Народната банка.

„Каква лага – банката е под администрација, не е под стечај, не е пропадната. Опозицијата шпекулира без докази и креира паника меѓу граѓаните“, рече Стојаноски.

Ограничувањата се привремени, се бара нов сопственик

Говорејќи за мерките што ги воведе Народната банка, Стојаноски рече дека тие се превентивни и имаат цел да спречат панично повлекување на средствата, кое би можело да ја доведе банката во неликвидност.

Тој посочи дека за продажба на акциите на банката е предвиден рок од 10 дена, во кој тие треба да бидат понудени на берза, додавајќи дека веќе има пет или шест сериозни потенцијални купувачи.

Според Стојаноски, ограничувањата се воведени за да се заштитат средствата на граѓаните и да се овозможи непречено функционирање на банката во преодниот период.

Тој потсети дека во случајот со „Еуростандард банка“ имало 19 предупредувања, но не биле преземени мерки за администрација, додека сега Народната банка постапува превентивно за да не дојде до сличен исход.

„Нема приливи кон странство, приливите ќе бидат контролирани, а плаќањата внатре во банката ќе бидат непречени за правните лица. Физичките лица ќе можат да повлекуваат до 10.000 денари неделно“, објасни Стојаноски.

Тој информираше дека за граѓаните кои немаат платежни картички ќе биде отворен шалтер во централната банка, како и на другите шалтери на банката.

Стојаноски очекува процесот да заврши во рок од две до три недели, по што граѓаните повторно ќе можат слободно да располагаат со своите средства.

Тој повторно ја обвини СДСМ дека со, како што рече, недокажани тврдења за префрлање пари од Србија во Македонија создала паника кај граѓаните, нагласувајќи дека мерките на Народната банка се насочени кон зачувување на депозитите и спречување на евентуална неликвидност на банката.