Министерството за надворешни работи и надворешна трговија на Република Северна Македонија најостро ги осудува навредливите изјави упатени кон претседателот на Владата и институциите на државата од страна на министерот за надворешни работи на Република Бугарија, Георг Георгиев, изнесени во денешното гостување во утринската програма на бугарската телевизија БТВ.

Како што соопшти Министерството, поради содржината и тонот на овие изјави, денеска бил повикан на разговор амбасадорот на Република Бугарија во Скопје, Жељаско Радуков, кому му бил пренесен официјален протест и му било укажано на несоодветноста на ваквиот јавен настап на висок претставник на бугарската влада.

– Таквите изјави, во кои се користи навредлив речник и се омаловажуваат носители на функции во суверена држава, претставуваат повреда на основните принципи на меѓународното право и на дипломатската комуникација. Тие не придонесуваат за развој на добрососедските односи и се спротивни на духот на конструктивен дијалог и заемна почит што треба да ја води билатералната соработка – се наведува во реакцијата на МНР.

Министерството изразува очекување дека официјална Софија ќе упати соодветно извинување, во насока на зачувување на достоинствена и принципиелна комуникација меѓу двете држави.

Георг Георгиев, министер за надворешни работи на Бугарија, во своето интервју на телевизијата БТВ изјави дека Бугарија станала фактор во ЕУ и во регионот, што, според него, Македонија треба да го има предвид.

Зборувајќи за македонскиот премиер Христијан Мицкоски, тој го нарече „северномакедонски премиер“, формулација што македонската страна ја оцени како навредлива и понижувачка.