Апликацијата „е-Услуги“ и проектот „е-бебе“ се на добар пат да профункционираат, вели министерот Андоновски
Апликацијата „е-Услуги“ и проектот „е-бебе“ влегуваат во завршна фаза и се движат кон практична примена, изјави министерот Стефан Андоновски во интервју за „360 степени“. Според него, и двата проекти се развиваат по планираната динамика, со фокус на постепено воведување и надградување.
„Е-Услуги“ со дигитални документи и стартни услуги
Андоновски појасни дека суперапликацијата „е-Услуги“ ќе обедини електронски услуги и дигитални лични документи, како лична карта и возачка дозвола, а во иднина и други документи. Демоверзијата веќе била тестирана од околу 5.000 граѓани, кои доставиле забелешки врз основа на кои се работело на унапредување на системот. Според најавите, во текот на февруари апликацијата треба да биде достапна за симнување на Play Store и Apple Store, со два дигитални документи и три почетни електронски услуги.
Употребна вредност и законска рамка
Министерот истакна дека со измените на Законот за електронска идентификација и доверливи услуги е овозможено користење на дигиталните паричници. Тој нагласи дека електронските документи ќе ги користат истите податоци од базите на Министерството за внатрешни работи и дека нивната примена ќе се проширува преку подзаконски акти. Очекува институции како банките, осигурителните друштва и МВР да бидат меѓу првите кои ќе ја применуваат оваа можност, при што новите полициски возила ќе располагаат со уреди за читање на дигиталните документи.
„Е-бебе“ стартува фазно од март
Во однос на проектот „е-бебе“, Андоновски рече дека платформата е подготвена и во моментов се тестира. Планот е од 1 март услугата да започне во најголемата болница – Клиника за гинекологија и акушерство, со цел родителите уште додека мајката е во болница да го добијат првиот извод на новороденчето преку апликација. Проектот ќе се развива во фази, со вклучување на повеќе институции, со што ќе се овозможи автоматско остварување и на други права и погодности без дополнително административно одење.
