Македонија не смее да биде заложник на кариерата на Бујар Османи. Вчера имаше изјава во која вели дека ако за месец дена не се реши спорот со Бугарија ќе прераснел во смрзнат конфликт. Треба да познавате теорија на меѓународни односи и да сфатите дека конфликтите може да бидат воени и тие да станат смрзнати, но не може да се случи политички спор да прерасне во смрзнат конфликт. Би било добро да имаме информиран министер, изјави Стефан Андоновски, секретар за меѓународна соработка на ВМРО-ДПМНЕ во „Утрински брифинг“

Андоновски истакна дека кога градите позиции, позади нив треба да стои легитимна структура, во Македонија проблемот е што во преговорите власта нема изградено цврст став во рамки на политичката структура.

– Бујар Османи тоа не го прави. За разлика од тоа гледаме дека во Бугарија цртите се исцртани уште во коалицискиот договор и тука Петков не може да бега, затоа што губи во Бугарија. Османи треба да знае дека преговарачката рамка треба да се заштити од бугаризација. ВМРО-ДПМНЕ цврсто стои дека не смее да се дозволат дополнителни отстапки во овој процес, рече Андоновски.

Тој посочи дека лицитирањето со постојани датуми од страна на власта за две недели, за три недели само му штети на процесот, додека еден искрен процес може да донесе решение, но тој мора да биде отворен и да се базира врз позиционирани црвени линии.

– Мора да ги позиционирате црвените линии, а постојаното давање на отстапки се покажа дека не е позитивен пристап и може да се појават нови барања на Бугарија. Прашањето за Бугарите во Уставот е ново барање. Не верувам дека тоа е едно од прашањата поради кои ќе се придвижи процесот. Треба да ги спакуваме условите и да ги дискутираме заедно. Ако правиме отстапки Бугарија има понатамошни барања. Ни требаат цврсти гаранции, потенцираше Андоновски.