Поранешната германска канцеларка Ангела Меркел ја одбила работа во Обединетите нации што и ја понудил генералниот секретар на ОН Антонио Гутереш.
Гутереш предложил Меркел да претседава со советодавно тело составено од поранешни шефови на држави и влади, според извор од Обединетите нации.
„Меркел разговараше со генералниот секретар на ОН минатата недела, му се заблагодари и му одговори дека нема да ја прифати понудата“, изјавија за ДПА од кабинетот на поранешната канцеларка.
Пред неодамнешните парламентарни избори во Германија, поранешната германска канцеларка (67) најави дека нема да се кандидира за нова функција во партијата и дека се повлекува од политичкиот живот по 16 години како канцелар.
Нејзин наследник како канцелар стана социјалдемократот Олаф Шолц, кој беше министер за финансии во коалициската влада на Меркел.
Германските социјалдемократи (СПД) освоија најмногу гласови на изборите во септември, а на почетокот на декември заедно со Зелените и Либерално-демократската партија (ФПД) формираа нова владејачка коалиција и формираа нова германска влада.
Меркел многу малку зборуваше во јавноста за своите планови откако ја напушти канцеларската функција. Советодавното тело предложено на Ангела Меркел од Гутереш е еден од главните реформски проекти на генералниот секретар на ОН во неговиот втор мандат, кој започнува во јануари.
Овој панел треба, според замислата, да ги идентификува глобалните јавни добра и другите области од заеднички интерес каде што се покажува потреба за подобрување на нивното управување. Панелот исто така треба да предложи начини како да се постигне ова. Пример за такво јавно добро е озонската обвивка или прашањето за безбедноста на летовите, како и глобалната трговија.