Дозволете да Ве информираме дека со потпис на Васко Ковачевски директорот на ЕЛЕМ, донесен е заклучок со кој се задолжуваат директорите на подружниците да достават список на работни места со број на извршители кои би биле испратени на принуден одмор и делумен прекин на работниот однос со кратење на платите во износ од 30% за период од три месеци. Овој Заклучок го потпишува на 3-ти декември, изјави денеска за медиумите, Силвана Ангелевска, пратеничка на Пратеничка група на ВМРО-ДПМНЕ.

Таа истакна дека ваквата одлука доаѓа во исто време кога истиот Ковачевски, на истиот ден 3-ти декември потпишува нов заклучок со кој бара да се ангажираат лица преку Агенција за привремени вработувања кои би почнале со работа од 1-ви Јануари 2022 година.

– Ова значи само едно дека власта преку Ковачевски има намера да ги казни партиски неподобните во ЕЛЕМ, а во исто време да вработува нови привремени вработени. ЕЛЕМ само пред неколку месеци вработуваше и сега уште вработува преку агенции за привремени вработувања, а во исто време безмалку отпушта вработени. Јасно е дека таквите списоци за казнување на вработени ќе бидат пополнети со лица кои немаат партиска книшка на СДСМ. Наместо Ковачевски да поднесе одговорност за својата неспособност, наместо Ковачевски да одговара за тоа што ЕЛЕМ го претвори во загубар поради неодговорното работење, тој удира по работниците. Повикуваме оваа постапка веднаш да се прекине, бидејќи во спротивно после промената на власта, ваквата политичка хајка која ја прави Ковачевски ќе биде ревидирана и за тоа Ковачевски ќе сноси одговорност, појасни пратеничката.

Ангеловска додаде дека ВМРО-ДПМНЕ им стои на располагање на вработените во ЕЛЕМ кои се или ќе бидат жртва на политички и партиски притисок од страна на раководството предводено од Ковачевски, со секаква, бесплатна правна помош.