Во тек е подготовката на двата специјални закони кои се однесуваат на младите брачни парови. Овие законски решенија се очекува следниот месец да бидат доставени до Собранието.
Првиот закон се однесува на мерката со која на младите брачни парови ќе им се овозможи купување станбен простор по цени за 20 отсто пониски од просечните пазарни цени остварени во текот на претходната година.
Анализите веќе се во тек, а првичните податоци покажуваат дека, на пример, во Општина Центар просечната пазарна цена на квадратен метар станбен простор во првите три квартали од годинава изнесувала 1.915 евра. Со предвидениот попуст од 20 отсто, цената би изнесувала 1.530 евра за квадратен метар.
Секој инвеститор кој ќе побара дозвола за изградба на станбен објект ќе има обврска да издвои 10 отсто од станбената површина за лицата кои ќе ги исполнуваат условите утврдени со законот. Еден од клучните услови е најмалку едниот од партнерите да биде на возраст до 35 години.
Вториот закон предвидува младите да бидат ослободени од плаќање комуналии кон општината при изградба на сопствен дом. Оваа мерка веќе се применува во одредени општини, но целта е нејзино проширување и целосно спроведување на територијата на целата држава.
Од владејачката партија посочуваат дека уште од првиот ден на мандатот се работи на создавање подобри услови за живот на младите. Со овие два закона се прави конкретен чекор кон решавање на предизвикот со кој се соочуваат младите брачни парови при обезбедувањето сопствен дом.
