Сите три авиони „Ер трактор“ на Дирекцијата за заштита и спасување се ангажирани во гаснењето на пожарот што од страната на Македонски Брод се шири кон ловиштето „Јасен“. Директорот на ДЗС, Стојанче Ангелов, информираше дека воздушната поддршка им помага на екипите кои се на терен и се обидуваат да го спречат огнот да навлезе во ловиштето.
Ангелов посочи дека моментално огнот не е на ниско ниво, но предупреди дека ситуацијата може значително да се влоши доколку пожарот се прошири кон боровата шума.
„Засега огнот не е толку низок, но доколку навлезе во боровата шума, може да ни се повтори она што ни се случи“, рече Ангелов.
Покрај пожарот кај „Јасен“, активен е и пожарот на границата меѓу општините Струга и Дебар, во атарот на селото Селце. Со огнот засега се справуваат локалните пожарникари од Струга, а дополнителни екипи се очекува да бидат испратени рано наутро, бидејќи пожарот сè уште не е ставен под целосна контрола.
Состојбата дополнително ја усложнува и бројот на нови жаришта. Според Ангелов, само во попладневните часови биле регистрирани повеќе од 20 нови активни пожари, што создава дополнителен притисок врз пожарникарите и другите екипи ангажирани на терен.
И покрај опасноста огнот да се прошири кон „Јасен“, Ангелов изрази оптимизам дека пожарот нема да навлезе во ловиштето. Според него, на огнената линија во моментов се ангажирани сите расположливи сили.
Директорот на ДЗС повторно упати предупредување до граѓаните поради условите во наредниот период и порача дека следуваат уште неколку тешки денови.
„Затоа внимавајте! Доволна е само искра за вистинска катастрофа“, порача Ангелов.
