Гувернерката на НБРМ и министерката за финансии на значајни средби со ММФ, Светска банка и ФЕД
Гувернерката на Народната банка, Анита Ангеловска-Бежоска, заедно со министерката за финансии Гордана Димитриеска-Кочоска, ја предводи македонската делегација на Пролетните средби на Светската банка и Меѓународниот монетарен фонд (ММФ) во Вашингтон.
Во составот на делегацијата се и вицегувернерите Фадил Бајрами и Ана Митреска. Тие веќе остварија средба со Федералните резерви на Њујорк, најголемата институција во рамки на американскиот ФЕД. Разговорите биле фокусирани на подобрување на трансакциите во долари, управување со државни хартии од вредност, како и интензивирање на соработката во сферата на монетарната политика, девизните резерви и банкарските иновации.
Средби со клучни фигури од ММФ и Светска банка
Македонската делегација ќе оствари повеќе состаноци со високи претставници на ММФ, вклучувајќи го и заменикот на генералниот директор Бо Ли, директорот за Европа Алфред Камер, како и тимот задолжен за Македонија. Ќе се анализираат резултатите од досегашната соработка, Ќе се разговара и за идните планови во сферата на монетарната стабилност и јавните финансии.
Дополнително, се предвидени и средби со Антонела Басани, заменик-претседателка на Светската банка. Средби ќе има и со Шијаочинг Ју, директорка за Западен Балкан. Делегацијата ќе присуствува и на редовниот состанок на земјите членки на Конституенцата.
Акцент на финансиска и родова вклученост
Во рамки на ангажманот во Вашингтон, Ангеловска-Бежоска и нејзиниот тим ќе одржат средби со Алијансата за финансиска вклученост (АФИ). Ќе се дискутира за јакнење на финансиската и родовата инклузија, како и за регионална соработка преку платежните системи.
Светската економија и глобалните предизвици во фокусот
Пролетните средби се платформа на која носителите на економски политики од целиот свет разменуваат мислења за актуелни глобални прашања. Овогодинешната тема е „Работа – патот до успехот“, со фокус на предизвиците поврзани со вработување, економски раст и социјална еднаквост.
Извор: Миа