-Овие активности и мерки се насочени кон: носење сеопфатна регулатива за заштита на потрошувачите во областа на финансиите, согласно со добрите практики на ЕУ; зајакнување на комуникацијата со потрошувачите заради подобро согледување на нивните потреби и реакција на нивните поплаки; финансиска едукација на потрошувачите за подобро разбирање на нивните права; разгледување на правните можности за разрешување на споровите, како и анализа на можностите за воведување финансиски правобранител, посочи Ангеловска-Бежоска, во интервју за веб-порталот „Пари“.
Една од активностите за подобра комуникација и поголема транспарентност, нагласи, е воведувањето на новиот дел на веб-страницата на Народната банка, каде што граѓаните ќе можат да најдат подетални информации за банкарските производи, но и за заштитата на потрошувачите. Во иднина, овој дел на веб-страницата ќе се надградува, паралелно со активностите коишто ќе се спроведуваат.
На веб-страницата, како што кажа, меѓу другото, ќе се објавуваат најрепрезентативните банкарски производи на банките и штедилниците, согласно со Насоките коишто кон крајот на минатиот месец ги донесоа Народната банка и Македонската банкарска асоцијација (МБА). Ова е прв и многу важен чекор од остварувањето на Стратегијата за финансиска едукација и финансиска инклузија, документ изработен од Координациското тело на финансиските регулатори за финансиска едукација и финансиска инклузија, а под водство на Народната банка.
-Од понеделник, сите граѓани ќе имаат унифициран пристап, на едно место, до најважните информации за потрошувачките и станбените кредити на целиот банкарски систем. Најголемиот број банки и штедилници го објавуваа најголемиот дел од информациите и до сега, но не унифицирано, не на ист начин, не во иста табела. Од понеделник, за секој граѓанин, овие информации ќе бидат достапни на ист начин, кај секоја банка и секоја штедилница. Значајно е да се истакне дека МБА и банките покажаа големо разбирање и целосно ја поддржаа оваа активност, со која настојуваме секоја банка и секоја штедилница да објавува избрана група информации што се од значење за формирање целосна слика за производот што се нуди, што понатаму треба да овозможи носење издржана одлука за производот од страна на клиентот. Со ова всушност ги насочуваме клиентите кон најзначајните аспекти коишто треба да ги имаат предвид при разгледувањето одделни кредити и депозити, заради избор на соодветен производ, истовремено водејќи сметка и за можните ризици, прецизира Ангеловска-Бежоска.
Стандардизираните податоци, нагласи, севкупно ќе бидат достапни на веб-страницата на Народната банка, како и одделно, на јасно назначено место на веб-страниците на сите банки и штедилници. Објавата ќе ги опфати најрепрезентативните видови потрошувачки и станбени кредити за населението, како и најрепрезентативните видови депозити за населението кај банките и штедилниците. Покрај основните информации за банкарските производи, како рочноста, валутата и каматната стапка, предвидено е објавите да вклучуваат и дополнителни подетални информации, како што се висината на стапката на вкупните трошоци кај потрошувачките кредити и трошоците коишто не влегуваат во оваа стапка, видот на обезбедувањето и минималниот сооднос обезбедување / кредит кај станбените кредити, можноста за предвремено разрочување кај депозитите и други.