Победата на Ле Пен би можела сериозно да ги наруши односите меѓу Париз и Берлин, кои со децении ја претставуваат основата на функционирањето на Европската Унија. Аналитичарите на британскиот магазин посочуваат дека лидерката на француската десница воопшто не е заинтересирана за традиционалната политика на компромиси со Германија и со Европската комисија.
Победата на Марин Ле Пен на претседателските избори во Франција во 2027 година веќе не треба да се третира како малку веројатно сценарио, туку како најверојатен исход. Тоа е главната оцена на аналитичарите на британскиот „Економист“, кои во најновата анализа предупредуваат на сериозни последици за француската економија, за иднината на Европската Унија и за европската поддршка за Украина.
„Ова е четврти пат како таа се кандидира за претседател и никогаш досега, на претходните три избори, не сум мислела дека има шанси да биде избрана. Но, овој пат мислам дека мораме да го разгледуваме тоа како основно сценарио“, вели една од аналитичарките на британскиот медиум.
Ле Пен повеќе од една година убедливо води во анкетите за првиот круг од претседателските избори. На пазарите за обложување нејзините шанси за конечна победа се проценуваат на 47 проценти, додека експертите за прогнозирање ангажирани од магазинот ѝ даваат 55 проценти. Аналитичарите потсетуваат дека треба да се вратиме дури во 1974 година, кога Франсоа Митеран загуби од Валери Жискар Д’Естен, за да се најде споредлив пример на пораз на кандидат со толку изразена предност во анкетите.
Најголемиот проблем на француските центристички партии е што во вториот круг од изборите би можеле да се соочат двајца кандидати од спротивните краеви на политичкиот спектар – Марин Ле Пен од десницата и Жан-Лик Меланшон од радикалната левица. Дури шестмина кандидати од политичкиот центар веќе ги најавиле своите кандидатури, со што дополнително го расцепкуваат гласачкото тело.
Интересно е што на пазарите за обложување на второто место според шансите за победа се пробива Давид Лиснар, градоначалникот на Кан, кој е релативно малку познат надвор од Франција. Тоа се оценува како показател за отсуството на доволно силна политичка фигура околу која би можеле да се обединат гласачите од центарот.
Аналитичарите не веруваат дека Ле Пен би можела да го повтори примерот на италијанската премиерка Џорџа Мелони, која на власт се покажа поумерена отколку што стравуваа нејзините противници. За разлика од Мелони, која мора да обезбедува поддршка од коалициските партнери во парламентарниот систем на Италија, Ле Пен би застанала на чело на една од најмоќните претседателски институции во Европа.
Победата на Ле Пен сериозно би ги разнишала релациите меѓу Париз и Берлин како столб на европската интеграција.
„Дури и ако не сака Фрекзит, таа сепак бара конфронтација и сака враќање на моќта на националните држави, по примерот на движењето МАГА. Тоа ќе биде навистина тешко за сите традиционални партнери на Франција“, оценуваат аналитичарите.
Во Брисел би можело да дојде до формирање нова политичка оска во која, покрај Франција под водство на Ле Пен, би се нашле Италија на Мелони, Полска и евентуално Шпанија, доколку десничарската партија Вокс стане дел од тамошната власт. Посебна загриженост предизвикува намерата на Ле Пен да ја ограничи идната помош за Украина, иако таа најавува дека ќе ги почитува веќе преземените обврски. Според проценките, тоа би го охрабрило Владимир Путин да ја продолжи војната во очекување дека европската помош за Киев постепено ќе пресуши.
Најдраматичните предупредувања се однесуваат на состојбата на француските јавни финансии, со оглед на тоа што Франција веќе се задолжува по значително повисоки каматни стапки од Германија. За да се запре растот на јавниот долг во однос на бруто-домашниот производ, потребно е буџетско приспособување во висина од околу 4 проценти од БДП.
„Би било лудо да прогнозирам криза на пазарот на американските државни обврзници. Но, воопшто не би било лудо да прогнозирам криза на пазарот на француските обврзници, бидејќи тој навистина е на работ на бездната“, предупредува економскиот аналитичар.
Ле Пен ветува намалување на буџетскиот дефицит, но истовремено најавува и намалување на старосната граница за пензионирање и на даноците на горивата, мерки за кои економистите предупредуваат дека се финансиски неодржливи.
Во француските економски и политички кругови веќе се отвора дебата и за можноста од реструктурирање на јавниот долг на земјата. Финансиската криза би можела да избие уште пред изборите доколку инвеститорите проценат дека вториот круг ќе се сведе на дуел меѓу Ле Пен и Меланшон. Во такви околности, дел од елитата гледа потенцијално решение во Кристин Лагард, претседателката на Европската централна банка, која би можела да биде повикана како технократски излез од ќор-сокакот.
