Осудениот за примање 10.000 евра мито ќе биде ослободен веќе летово

Апелациониот суд во Скопје му одобрил условен отпуст на поранешниот врховен судија Наќе Ѓорѓиев, кој беше осуден за примање мито од 10.000 евра, со што ја преиначил претходната одлука и таа станала правосилна.

Со ова, наместо да остане во затвор до мај 2027 година, Ѓорѓиев ќе излезе веќе ова лето, односно по издржани околу две години и два месеци казна.

Жалбата прифатена и казната дополнително намалена

Претходно, Кривичниот суд му ја намалил казната со можност да излезе во септември, но Ѓорѓиев поднел жалба до Апелација, каде казната дополнително му е скратена за уште два месеца.

Во жалбата навел дека се однесувал примерно во затвор, ги почитувал правилата, како и дека има 63 години и нарушена здравствена состојба, што било прифатено од судот.

Дел од казната ја издржувал во олеснет режим

Според информациите, дел од казната ја издржувал во поблаг режим. Од мај минатата година бил ангажиран како магационер, при што преку ден излегувал, а навечер се враќал во затворот. Користел и викенд-отсуства.

Поранешниот судија беше осуден за примање мито по спогодба со Обвинителството за гонење организиран криминал и корупција, при што му беше изречена казна затвор од три години, како и забрана за вршење професија, дејност или должност на службено лице во траење од три години.