Утрешното ново коло од Лигата на шампионите ќе го донесе дербито на досегашниот дел од сезоната. На стадионот „Паркот на принцовите“ во Париз ќе се сретнат екипите на ПСЖ и Барселона, во пресметка на двата исклучително квалитетни фудбалски состави на денешницата.

Како најава за натпреварот што започнува утревечер во терминот од 21:00 часот, пред медиумите се обрати тренерот на францускиот првак, Луис Енрике. Тој на официјалната прес-конференција истакна дека очекува вистински фудбалски спектакл и отворено говореше за силните емоции што го врзуваат со каталонскиот гигант.

„Јас сум фокусиран на реалноста. Јас сум член на Барса. Бев играч и тренер на клубот шест години, три во првиот тим и три во вториот. Мојата сопруга и децата се Каталонци. Имам многу силна врска со Барселона. Но, јас сум сега тренер на ПСЖ“, изјави Луис Енрике.

Шпанскиот стручњак додаде дека редовно ги следи натпреварите на својот поранешен клуб како обичен навивач, но дека неговата професионална цел е исклучиво триумф на ПСЖ.

„Секој натпревар на Барселона го гледам како навивач, а не како тренер. Случајно, секоја година се соочуваме со Барса. На почетокот ми беше тешко да го прифатам тоа. Сега сум навикнат да играм против одличен, уникатен тим кој има многу квалитетни играчи, не посегнува по грубост и има вредности што ги сакам. Според мене, ова е еден од тимовите што се најблиску до сегашниот ПСЖ. По сè што кажав досега, навистина би сакал да победиме утре. За мене тоа е дополнителна мотивација да се соочам со клубот каде што се чувствував најважен. Како парижанец, се надевам дека ќе победиме утре“, порача предводникот на ПСЖ.