Иранскиот министер за надворешни работи, Абас Арагчи, денеска ги предупреди Соединетите Американски Држави и Израел да не започнуваат нови воени операции против Иран, порачувајќи дека секој таков обид ќе заврши „како и претходните“ и дека „ќе ги повторат своите неуспеси“.

Зборувајќи на маргините на состанокот на министрите за надворешни работи на БРИКС во Њу Делхи, Аракчи рече дека заканите против Иран станале вообичаена практика, но оти не дале никакви резултати.

„Навикнати сме на тие закани. Тие долго време ги повторуваат своите закани во различни форми и начини. Но и самите знаат дека ништо не постигнале и дека нема ништо да постигнат“, посочи тој.

Шефот на иранската дипломатија уште истакна дека воениот притисок нема да ги реши спорoвите околу Иран.

„Нема воено решение за прашањата што се однесуваат на Иран“, нагласи Арагчи истакнувајќи дека Иран „цврсто стои и не попушта пред заканите“.

Според него, Иран веќе покажал отпор во претходни конфликти, од кои излегол зајакнат.

Тој се осврна и на Обединетите Арапски Емирати, обвинувајќи ги дека за време на конфликтите биле на страната на САД, како и дека американските сили користеле бази во земјите од Персискиот Залив за операции против Иран.

Аракчи притоа истакна дека регионалните земји не можат да се потпираат на странски сили кога е во прашање безбедноста, додавајќи дека најодржливо решение е соработка меѓу соседите во регионот.