-Буџетот на Град Скопје е навистина премногу оптоварен, меѓутоа во ниту еден случај нема да се откажеме од проектот за бесплатен јавен превоз, токму како што беше напишано во програмата и како што беше презентирано низ целата кампања – тој ќе се реализира, етапно. Јавното претпријатие се наоѓа во големи долгови тоа треба да се изменаџира за да може да се консолидира работењето на јавното претпријатие кое што во овој момент е дополнително обременето од оваа енергетска криза, меѓутоа бесплатен јавен превоз за скопјани дефинитивно ќе има и токму онака како што беше ветено, изјави градоначалничката на Град Скопје, Данела Арсовска, во гостувањето вечерва во дебатната емисија Топ Тема на телевизија Телма.

Во однос на дезинформациите, како што ги нарече Арсовска, кои што кружат во јавноста дека проектот бесплатен јавен превоз нема да се реализира, градоначалничката кажа дека е крајно неодговорно да и се пласираат такви невистини на јавноста.

-Верувам дека треба да се обидеме на јавноста да и појасниме кои се позициите на градот, дека проектот ќе се реализира и дека ќе се случи во период на транзиција затоа што ова е една конкретна и сериозна инвестиција која што понатаму ќе остане во траен интерес за граѓаните – заврши Арсовска.