Независната кандидатка за градоначалник на Град Скопје, Данела Арсовска вечерва повторно е меѓу граѓаните и на теренската активност од врата на врата ја презентираше својата програма за модерно Скопје пред жителите од скопско Шуто Оризари.
Неасфалтирани и небезбедни улици, немање на соодветна комунална инфраструктура а граѓаните секојдневно газат по кал на улиците е сликата за општина Шуто Оризари која што ја раскажуваат тамошните жители.
Недозволиво е во 21 век општина која што се наоѓа во главниот град да има неасфалтирани улици, луѓето да газат по кал, без водоводна и канализациона мрежа, нема тротоари и улиците не се безбедни ниту за возрасните, а уште помалку пак за децата. Едноставно, ова се проблеми кои треба да бидат оставени во минатиот век. И граѓаните со кои секојдневно се среќавам не бараат многу. Бараат нормални услови за пристоен живот како што заслужува секој еден граѓанин. И должност на секој градоначалник е да го овозможи тоа. Затоа уште од првиот ден после изборите ќе се зафатам со решавање на овие суштински проблеми. Скопје и скопјани немаат време за чекање уште четири години за некој да се сети на нив. Со брзи и ефикасни решенија Скопје ќе биде метропола како што секој од нас посакува и заслужува да живее во нејзе, изјави Арсовска по средбата со жителите од Шуто Оризари.