Австрискиот претседател Александар Ван дер Белен (78), поранешен лидер на Зелените, денеска објави дека има намера да се кандидира за втор шестгодишен мандат оваа година, што најверојатно ќе го ограничи бројот на кандидати.
Ван дер Белен е популарен политичар и е познат како цврста рака во турбулентни времиња, дури и за време на скандалозниот распад на владејачката коалиција меѓу конзервативната Народна партија (ОВП) и екстремно десничарската Партија на слободата во 2019 година, пренесува Хина.
Членовите на двете најголеми партии во парламентот, ОВП и Социјалдемократската партија, изјавија дека веројатно нема да ги номинираат своите кандидати доколку Ван дер Белен се кандидира.
Австриските претседатели имаат главно церемонијална улога, но тие ги контролираат кризните и транзиционите периоди и имаат моќ да ја разрешат владата.
– Моето име е Александар Ван дер Белен. Се кандидирам за претседател и ја барам вашата поддршка и глас, рече тој во денеска објавеното видео.
Во мај 2016 година, кога европската миграциска криза беше доминантно политичко прашање, Ван дер Белен победи со мала разлика, 50,3 отсто наспроти 49,7 отсто во вториот круг против кандидатот на Партијата на слободата Норберт Хофер.