Изградбата на автопатот Кичево – Охрид треба да заврши во мај следната година, а во меѓувреме се подготвува отворање на нови градилишта на патните правци Скопје – Блаце и Кичево – Букојчани. Директорот на Јавното претпријатие за државни патишта, Коце Трајановски, уверува дека работите се одвиваат според утврдената динамика и дека најавените рокови ќе бидат испочитувани.

На делницата Кичево – Охрид досега се пуштени околу 37 до 38 километри од вкупно 57 километри. Интензивни активности се изведуваат и на преостанатите делови, а до крајот на октомври се очекува во употреба да биде ставена трасата од Извор, преку тунелот, до Врбјани.

„Следната година во мај очекуваме да биде запазен рокот. Има добра динамика и динамички план, а веќе се гледа дека работите се при крај“, рече Трајановски во гостување на ТВ Сител.

За реализацијата на автопатот досега се обезбедени три заеми, а вкупната вредност на проектот, според проценките, ќе достигне околу 800 милиони евра. Дополнително се работи на технички решенија за делови од трасата што не биле предвидени во првичниот проект, меѓу кои и галериите.

Трајановски најави дека во втората половина на август треба да почне изградбата на автопатот Скопје – Блаце. За изведувач е избран конзорциум предводен од „Гранит“, со кој договорот треба да биде потпишан во текот на овој месец, додека паралелно се избира и надзорниот орган.

По воведувањето во работа, изведувачот ќе почне со испитување на теренот, расчистување на трасата и другите подготвителни активности. Проектот со години беше најавуван и се смета за значаен за патното поврзување меѓу Македонија и Косово.

Во септември се очекува да почнат и работите на делницата Кичево – Букојчани, за која во тек е изборот на изведувач. Со добра динамика, како што посочи Трајановски, напредуваат и автопатските делници Прилеп – Битола, Тетово – Гостивар и Гостивар – Букојчани, кои ги гради конзорциумот „Бехтел и Енка“.