Елми Азири од коалицијата на Алијанса за Албанците и Алтернатива во вечерашната дебата на „360 степени“ рече дека доколку кандидадите за градоначалници од владините партии изгубат во поголемите градови во вториот изборен круг ќе се постави прашањето кого актуелната Влада го претставува.
„Македонската опозиција во овој случај, во првиот круг освои значителен дел од општините, албанската опозиција во вториот круг, се разбира во северозападниот дел ќе ги освои поголемиот дел од општините и сметам дека со ова се губи легитимноста, доколку ги изгуби најголемите градови каде што се детерминира политичкиот живот. Тогаш се поставува прашање кого претставува оваа Влада? Затоа, јас можам да кажам дека прашањето на новото парламентарно мнозинство, прашањето на новата Влада е прашање на денови и јавноста ќе биде многу бргу известена“,рече Азири на прашањето дали исходот од локалните избори може да има влијание врз мнозинството во Собранието и составот на Владата.
Тој кажа дека вчера имале состанок на кој е одлучено преговорите со ВМРО-ДПМНЕ да продолжат, но, како што рече, и со сите останати претставници кои се заинтересирани да ја донесат промената, пред се кај Албанците од Македонија.
„Јас и во другите произнесувања, и ние како политички субјект сме рекле дека нашата поддршка во вториот круг за одредени кандидатури, не е партиска, туку политичка поддршка, политичка поддршка со единствена цел за да се случи политичката промена. А сериозната и реална политичка промена ќе се случи во Владата и тогаш на ДУИ ќе и бидат одземени сите инструменти преку кои врши уцена кај граѓаните, преку кои ги заплашува граѓаните и на тој начин доаѓа до контаминирани победи во одредени места“,рече Азири.